„ЦИВИЛ за мене претставува простор каде има можност за една отворена мисла, критичка можност за алтернативни решенија. Простор во време на теснотија и звук во време на тишина. Секогаш во најтешките моменти на мојот активизам пишував текстови во ЦИВИЛ затоа што сметав дека така ќе остане пишано и ќе допре до што поголем број на луѓе.
Како што борбата за граѓанското општество, правата, слободата беше важна во времето на режимот, подеднакво е важна и претставува вистински предизвик и сега. Бидејќи во секое време и во секој простор постои еден период на игноранција и незнаење, постои простор и можност за дискриминација, постои можност да се кршат основните човекови права и слободи. Тука зборувавме за Универзалната декларација за човекови права и секогаш се спомнува еден збор – достоинство. Но мислам дека понекогаш забораваме што тоа достоинство значи. Како да го почитуваме достоинството на другиот?
Секојдневно слушаме и гледаме на телевизија, протести за разни групи во нашето општество, без разлика дали се тоа деца, жени, бегалци, мигранти… Секогаш има некоја друга група која ќе излезе и ќе го негира достоинството на таа група. Достоинството може да го почитуваме само ако го признаеме. Дека секој од нас го има тоа достоинство.
Во својот активизам, секој поединец од нас има некој товар кој го носи со себе. Разноликоста во многу општества се слави. Кај нас разноликоста со себе носи некој свој товар и тешкотии. Некои вреќи. Секој од нас е натоварен со некои вреќи кои ги носиме на својот пат. Така и јас. Затоа за мене ЦИВИЛ преставува платформа која или ќе ти помогне да ги носиш вреќите или ќе ти го расчисти патот во разноликоста која ја носиш и која ја негуваш.“, изјави Мерсиха Смаиловиќ од Легис, на Конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста“ по повод одбележувањето на 20 годишнината на ЦИВИЛ.