Полициски џипови, хермелини, Алфи се упатија кон Шуто Оризари синоќа, откако добија повик дека активисти и поддржувачи на Курто Дудуш и Елвис Бајрам повторно имале меѓусебни недоразбирања.
Во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Фахри Сали, шеф на изборниот штаб на СДСМ во Шуто Оризари вели дека вчера немало инциденти, туку дека настанало мало недоразбирање, кое полицијата успеа да го расчисти.
„Околу педесетина жители од едно маало во Шутка кои беа членови и гласачи на Сојузот на Ромите, нѐ побараа да разговараат со нас, дека на следниот круг сакаат да гласаат за Курто Дудуш. Откако си заминавме од луѓето, околу 20 души на чело со Елвис Бајрам отидоа кај нив да им вршат притисок. Еден граѓанин веднаш му се јави на Курто дека Елвис со своите тепачи дошол кај нив да ги предупреди да не гласаат за СДСМ. Курто со уште двајца отиде да види за што се работи, и таму го сретна Елвис, при што џентлменски се поздравја и се договорија дека нема да има никакви инциденти“, истакна Сали.
Од огранокот на СДСМ, Шуто Оризари, додаваат дека разговорот меѓу Елвис и Дудуш се случувал во двор во една куќа. Меѓутоа еден од синовите на сопственичката во чиј двор се одвивал разговорот, потоа дојде во штабот на СДСМ и почна да го навредува Дудуш дека нема право да оди кај нив дома да се заканува и да ги заплашува.
„Откако Дудуш не успеа да му објасни на Енко дека во неговиот двор влезе со одобрение и покана на неговата мајка, за што сведоци се и неговите браќа, во тој момент, вжештената атмосферата ја прекинаа полициските Алфи и не дозволија било каква ескалација. Ние сме свесни дека симпатизерите и тепачите на Елвис сега се исплашени дека ќе изгубат и дека ќе треба да одговараат за своите дела што ги направија во изминатите 8 години. Сепак, ние ќе водиме фер и демократска кампања и нема да потпаднеме на провокациите, бидејќи останаа само уште десет дена и Шуто Оризари конечно ќе биде слободно и ќе добие нов градоначалник“, додаваат од СДСМ, Шуто Оризари.
ЦИВИЛ Медиа разговараше и со Аднан Мемед, од СРМ, кој тврди дека полициските Алфи вршат притисок и заплашување на гласачите кои нема да гласаат за СДСМ.
„Додека бевме на посета кај едни граѓани, одеднаш се појавија околу дваесетина Алфи, без никаква причина. Тоа е класично заплашување на гласачите, но сѐ ќе заврши на 29 октомври, кога граѓаните ќе одлучат кој ќе биде нивни градоначалник“, вели Мемед.
До вториот круг има уште десет дена изборна кампања.
Дехран Муратов