Говорот на омраза сè уште е интензивен помеѓу младите, меѓутоа во последно време се буди свеста кај младите за лошите последици и веќе гласно се зборува против говорот на омраза, вели Веса Синани, средношколка и активистка, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Европските вредности кај младите: Правци и беспаќа“, одржана на 20 април 2022 година.
Матурантката Синани вели дека моменталните протести на СОНК многу лошо влијаат кај младите бидејќи немаат никаква поддршка од професорите, особено гимназијалците кои се во четврта година и кои треба да имаат матурски испит, а немаат време за учење и да се подготват за тоа.
„Ние младите најмногу настрадавме во ситуацијата со Ковид-19, а веќе и две недели не сме во училиште и тоа многу лошо влијае на нас. Мислам дека професорите треба да се борат за поефикасно образование и да ни помогнат за градење на подобра иднина“, истакна Синани.
Таа вели дека по завршување на средното образование имала желба да замине во странство да студира бидејќи смета дека таму ќе има подобри услови, но се предомислила по разговор со нејзините родители.
Многу сакав да одам некаде во странство, но имав една дискусија со татко ми и тој ми рече дека тука имам повеќе можности. Како млада девојка треба да останам тука и да работам за другите млади. Сакам да студирам медицина на УКИМ и мислам дека е тоа една добра можност да покажам дека и тука може да се постигне нешто. Знам дека младите немаат големи можности тука, но оние што ги имаме треба да ги искористиме и да ги вреднуваме, нагласи Синани.
Биљана Јордановска
камера и фотографија: Горан Наумовски
монтажа: Ариан Мехмети
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.