Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд денеска во изјава за ТВ Алсат го потврди ставот за кој веќе два дена се шпекулира во јавноста. Тој појасни дека се залага за уривање власта, но е дециден дека тоа нема да го стори по цена неговиот потпис да биде на список на кој се наоѓаат потписите на пратениците од Левица.
„Кога ја составувавме таа листа, Левица не беше дел од неа. Не прифаќам мојот потпис да е дел од списокот заедно со потписот на лидерот на Левица“, рече Скендер Реџепи-Зејд. „Не го добивме мандатот да им служиме на антиалбанските каузи“, рече Зејд.
„Пратениците прво се уверија дека Левица не потпишала, туку дека ЛДП, БЕСА, ВМРО и ние ќе потпишеме. Во духот на ова, ДА, се согласив да го дадам својот потпис и секогаш ќе го давам, секој потпис кога злото за Албанците наречено ДУИ ќе мора да си замине, но не по секоја цена. Ставот на Алтернативата е и отсекогаш бил таков што не се осмелуваме да се идентификуваме со антиалбански политички субјект. Не го дозволувам ова во мојот живот, за ниедна цена да се оцрни мојот семеен идентитет“, изјави Скендер Реџепи за Алсат.