Во Кинотеката на Македонија, на 3-ти и 4-ти февруари 2017, ќе започне „Скопје Синема Сити – Загревање“, настан на којшто ќе биде прикажан избор на филмови од второто издание на филмскиот фестивал „Скопје Синема Сити“, што се одржа во октомври 2016 година.„Загревање“ е настан во рамките на којшто Фестивалот, веќе традиционално, во февруари, репризира избор од филмовите од претходното издание.
„Скопје Синема Сити“, пак, е фестивал за музички, документарни филмови на којшто се прикажуваат бројни филмови од различни продукции, вклучувајќи ја и домашната.
Првото издание на Фестивалот се случи во 2015 година, со трибјут за Дејвид Боуви, а во рамките на второто издание во 2016 година, беше трибјутот за Леонард Коен. Фестивалот беше организиран во Кинотеката на Македонија и во фокусот беше кантавторот Леонард Коен, со чијшто филм „Јас сум тој“ и беше отворена манифестацијата. Исто така, Фестивалот оствари соработка со британската телевизиска продукција Би-би-си, и беа прикажани повеќе нивни филмови.
Овој пат, посетителите ќе имаат можност да ги проследат филмовите: „Роберт Плант: Јас самиот“, „Леонард Коен: Јас сум тој“, „Пинк Флојд: А кој од вас е Пинк?“ и „Фактори Рекордс: Од Џој Дивижн до Хепи Мандејс“, но ќе се случи и премиерно прикажување на краткиот филм за „Љубојна“ – „Радио Љубојна“.