ВОЈО МАНЕВСКИ
Колку лица имаат нештата во природниот и општествениот свет? Веројатно нивниот број зависи од местото од кое се посматраат тие. Но, има појави, кои заедно прават едно лице и ако ги раздвоиш се претвораат во сосема друга форма и содржина.
Може ли новинарството без слобода? Може, ама веќе не е новинарство, туку пропаганда која само навидум ја носи кошулата на новинарството, а всушност е негација на самото постоење на новинарството.
Може ли слободата без новинарство? Може, ама е ограничена на личната перцепција и силината на човековите сетила. Тогаш таа досегнува до хоризонтот, кој го ограничува погледот и постојано е пред многу непознаници.
Можат ли слободата и новинарството сами? Можат, ама тогаш тие стануваат самодоволни и самовљубени, па ја губат претставата за вредностите околу себе и со тоа стануваат антипод на она што е нивната општествена улога. Со тоа се приближуваат до состојбата кога се разделени, па слободата и новинарството и стануваат алатка за манипулација и пропаганда.
Што е она што ги слепува и им го одредува вистинското место во заедницата?
Тоа лепило што го оправдува нивното постоење е одговорноста. Ако неа ја нема, слободата е широко поле за грешки и гревови на новинарите.
Колку слобода им треба на новинарите?
Онолку колку можат да освојат, но и да носат како услов за сопственото постоење. Нема премногу слобода, туку има само преголем товар што не секој може да го носи на новинарските плеќи.
Има ли слободно општество без слободно новинарство?
Општество некакво може и да има, ама слободно без слободно новинарство нема.
Исто како што и најубавата роза не може да расцвета, ако нема доволно вода во нејзините корени и само ги зголемува острите трнови низ сопственото стебло. Тие трнови не можат да го спасат цветот од кинење, ама добриот корен и силното стебло, пак ќе изродат пупка од која ќе расцвета убав цвет.
Нека е честит Светскиот ден на слободата на медиумите!