СЛОБОДНА ЗОНА денеска со Сашо Орданоски, Петрит Сарачини и Александар Николиќ Писарев
„Следејќи делчиња од вчерашната дебата во Македонското собрание посветена на пратенички прашања, налетав на одговорот на Оливер Спасовски за оперативна акција што ја водело МВР/УБК, во содејство со Јавното обвинителство, пред и во 2017 година, под некакво кодно име „Алка“. Целта била да се направи местенка – како МВР-дебаклот со режираниот трагичен конфликт во Куманово; како измислиците од оние прочуени „Жолти комбиња“; како фабрикуваните судски процеси против цела дузина луѓе кои уште не можат да се опорават (а и да ги рестартираат судењата) од долгите затворски казни што им ги досуди „Сваровски“ судството; итн. – за (според Спасовски) апсење на врвот на опозицијата (СДСМ) со наводен предтекст дека Заев, Спасовски и други лица подготвувале атентат врз Никола Груевски. Монструозно“, пишува Сашо Орданоски во колумната „За македонските терористи и други занимливости“.
„Инаку, денешниве „лудисти“ можеби имаат дома куп книги по рафтовите што им одат добро со мебелот, ама сепак секојдневно, наместо на книгите, им веруваат на лаги пласирани од лудачки портали и безимени ботови на социјални мрежи.
Затоа, треба да излеземе од оваа јалова дебата полна нерационалност и кусогледост.
Наместо фокус на медиумот и формата, оти човештвото и пред книгите имало папирус, глинени плочи, ѕидови на пештери, па не останало на тие медиуми туку напредувало, на сите ни е потребен фокус на суштината и содржината.
А суштински важно е да дојдеме до одговор на овие прашања: Како да имаме што повеќе содржини што им нудат на луѓето вистинско проверено знаење, без онакви грешки на кои навикнавме во нашите учебници, или пак вистински уметнички вредности, поттик за читање, за креативност?“, пишува Петрит Сарачини во колумната Лудисти во 21 век?
„Идеолошкото влијание на Русија во регионот е прилично силно и тоа се остварува преку медиумите, црквата, хуманитарната помош, поддршката на националистичките, недемократските и анти-НАТО и анти-ЕУ политичките партии во регионот. Понатаму, се спроведува и кампања за демонизација на невладиниот сектор кој работи на реформите и доближување на регионот на Западен Балкан до ЕУ, пред сѐ во Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и на Косово“, пишува Александар Николиќ Писарев во анализата Руската „хибридна“ сенка врз Западен Балкан (2).
Д. Муратов