Слободна зона на ЦИВИЛ денеска со Сашо Орданоски, Џабир Дерала и Христина Серафимовска
„Кога, пак, ќе се види списокот на договорени работи, на него нема ништо драматично, што не можеше да биде постигнато и без претставата со лидерската средба. Тоа значи дека самата средба е дел од некој друг список во кој се наброени чекорите што треба да се направат за да се одзатне македонската политичка „канализација“, а тоа да не се случи со голема „фонтана“ што ќе нè „наврне“ сите. Бидејќи целата аргументација за точките на постигнатиот договор (добро позната и пред да седнат Заев и Мицкоски на столчињата во Клубот) би можела да се направи за петнаесетина минути, само мувите на чаршавот на масата знаат за што разговарале лидерите во останатите час-два од средбата.
Не е коректно сега да се омаловажува привремениот резултат од направениот договор меѓу Заев и Мицкоски, но склон сум да мислам дека токму делот што се разговарал вон главните поенти на постигнатиот компромис ќе ја одредат трајноста на договореното и од главниот и од „споредниот“ дневен ред на самитот.
Само, да не им прејде во навика, бидејќи луѓето со право ќе помислат дека ако за решавање на „национални“ проблеми може да се „прерипне“ целиот парламентарен систем и да се замени со самити на двајца лидери, тогаш е можеби полесно да се заменат лидерите, за да не доаѓа до „национални“ проблеми?!“, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна „Канализацијата“ е привремено одзатната, тоалетот е во употреба!
„Договор падна на белиот чаршав во угостителскиот објект на пратениците, пописот ќе се одложи, собранието ќе се откочи, ќе се изгласаат мерките за помош, ќе се разговара за изборни измени што ги предлагаа невладините (а никој не ги спомна), сè што треба ќе направи Мицкоски, а тоа што не треба, ќе го задржи во својата „патриотска“ глава, намачкана со скапиот гел.
Добро е што се договорија, се разбира. Но остануваат отворени повеќе прашања, како и, впрочем, после секоја средба на Чифтаните (Chieftain) во вигвамот на македонската политика.
Сега, со право, некои од нас ќе прашаат што ќе ни се Парламент, закони, Устав, кога само двајца можат во тет-а-тет муабет да ги решат сите проблеми на светот или барем оние на Северна Македонија. Добро прашање за дебата која никој посебно сериозно нема да ја започне, за жал.
Исто толку добро прашање е што навистина се договорија Заев и Мицкоски, бидејќи тоа што кажаа дека се договориле можеше, а и мораше да се договори во институциите, а не на белиот чаршаф во пратеничкиот клуб. Да се надеваме дека и тоа ќе е на арно. Иако, пропагандната машинерија на деструктивците во македонската политика се разбаботи истата секунда кога заврши самитот на ѕвездите на македонското политичко небо, поточно, плафонот на вигвамот“, пишува Џабир Дерала во својот рафал „Во македонскиот политички вигвам“.
„Главниот проблем овде е содржан во формулацијата „одлучува/одлучува по свое уверување“. Или ако сакаме да бидеме попрецизни, советниците одлучуваат, но по чие уверување е прашање. Веројатно ова не предизвикува некое изненадување и вознемирување кај читателите, бидејќи е општо позната вистина која досега не се променила веројатно затоа што била „прифатлива“ за најголем дел од учесниците во процесот и граѓанската публика. Одлучувањето како такво, ако се земат предвид трите опциите што им стојат на располагање на советниците до извесен степен може да биде и разбирливо. Воопшто не е чудно повеќето да се препознаат во една од тие опции, но проблемите се појавуваат кога најчесто (ако не и секогаш) процесот на гласање се сведува на шаблонизирано изјаснување, кое своите корени ги држи длабоко во партиските табори без притоа да се земат предвид аргументите. Или како што таткото на познатото дело „Јавно мислење”, големиот Волтер Липман умееше прецизно да посочи „Кога сите мислат исто, значи никој не мисли доволно“. Токму ова е најзагадочниот момент, бидејќи игнорирањето на аргументите доведува до гушење на дебатата. А зошто постојат советите ако не за дебата?“, пишува Христина Серафимовска во колумната „Неколку совети околу советите и советниците“.
Денешното издание на Дневникот на ЦИВИЛ можете да го прочитате ТУКА.