Денеска, до овој момент, во Слободната зона на ЦИВИЛ пишуваат Орданоски, Најчевска и Хајредини:
„Бидејќи, порано или подоцна, ќе се најде начин како ВМРО-ДПМНЕ да си се ослободи од сегашново свое неспособно, вревливо, политички импотентно партиско раководство на чело со Мицкоски – ох, да, зависи, додуша, и кој нив ќе ги наследи! – и тоа ќе биде денот кога на СДСМ ќе му истече „билетот“ за продолжено „гратис возење“ од позиција на власт, можеби на радост на мнозинството гласачи веќе на следните парламентарни избори. Притоа, не е во прашање „возот“ на магистралните меѓународни и домашните реформски правци со кои СДСМ со Заев се обидува, со различен успех, да нè пренесе во нашата заедничка иднина. Визијата на СДСМ – а визијата е закон! – за македонското општество е сè уште далеку подобра од она што го нуди националистичката лева и десна конкуренција.“ пишува Сашо Орданоски во колумната „Последниот шинобус“ за Зоран Заев.
„Искуството покажува дека наједноставен начин за уништување на државните институции е нивната партизација. Партизацијата значи постепена замена на професионалните кадри во една институција (оние кои знаат, умеат и имаат искуство) со партиски кадри, оние кои немаат знаења ниту капацитети да ги извршуваат задачите на едно работно место, меѓутоа се лојални следбеници на партијата (која и да е) и послушни извршители на волјата на актуелното раководство (кое и да е).“ пишува Мирјана Најчевска во колумната Како да уништиш државна институција во три чекори.
„Главна причина за долготрајната блокада на политичките процеси во државата е тоа што на политичката сцена и натаму се присутни голем број – со криминал и корупција – корумпирани политичари“ – поентира Џевдет Хајредини.
Денешното издание на Дневникот на ЦИВИЛ можете да го прочитате тука.