Слободна зона на ЦИВИЛ денеска со Сашо Орданоски, Војо Маневски и Перо Наумовски:
„Овие што во Собранието со години „мотаат чалми“ и „трлаат лен“, со намера по разни парламентарни поводи да ја одложат иднината, а за кои редовно – речиси без исклучок – бидуваат финално надиграни од тенкото мнозинство на власта на теми кои се протегаат од ситни законски корекции, до крупни двотретински реформски зафати (вклучително и промена на Устав), решија да тужат заради она, некни, „скафандерско“ изгласување на финансиската помош за десетици илјади работници и фирми. Тие да се прашуваа, корона-платите ќе стигнеа до работниците не со два месеци задоцнување, туку со две години одложување.
По обичај, нè очекуваат неколку недели на пост-фестум лелекање заради нивниот неуспешен обид за блокирање на пресудната државна помош, со предвидлив политички резултат: на регистарот на обвинувања за власта, покрај целиот дијапазон квалификативи за неспособност и криминализираност, сега и официјално е додаден тероризмот. Тоа значи дека Алан Форд од Левица, конечно, им го испил мозокот. Следната фаза е „По шумама и горама““, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна Злостор и казна, со поинаков исход
„А и пратениците се слаби актери, затоа што најчесто глумат додека се обидуваат да ги објаснат замислите на партиските раководства. Актерите играат текстови кои се одраз на вистинскиот живот. Театарот е пресериозна работа за да биде дел од политичкиот контекст, практикуван на наш начин.
Можеби и сите сме дел од некоја арена, каде однапред ни се поставени улогите и во зависност од дневната улога, ги менуваме костимите и капите. А пишувањето статуси на социјалните мрежи е можеби најбргу менување на капата и тоа дигитално за да се остане во актуелноста. Од овие, за мене сѐ уште неразјаснети термини и појави, единствено успевам да избегам, потсетувајќи се на некои ликови и случки поврзани со нив, а на кои не сум успеал да им дадам важност, затоа што во тоа време и не сум ги разбирал“, пишува Војо Маневски во Капа за глава
„Нормално е дека треба да се гради, да се инвестира, да се урбанизира, да се заработува и нормално е, како што е најчесто во строгиот центар на сите метрополи во светот, да преовладуваат висококатници од бетон и челик, зошто исклучок од тоа да е Скопје. Овде не станува збор за таква дилема туку огорченоста и незадоволството кај дел од јавноста е поради начинот на кој се реализираат овие проекти. Само доследно спроведени постапки, процедури, законитост, јавна расправа, транспарентност, стручност, одговорност, отчетност, етичност и многу други активности ќе ја убедат јавноста во оправданоста и целисходноста од реализација на соодветниот проект“, пишува Перо Наумовски во Белград на вода, Скопје на Вардар, Тетово на диво