Во Слободна зона вечерва: едиторијал од Дерала за говорот на американскиот претседател Бајден, Сарачини за иднината на човештвото, Зеќири за новата влада.
„Очекувањата се големи за почетокот со работа и усогласената програма со јасни цели за исполнување на ветувањата и договорите меѓу трите коалициони партнери СДСМ, ДУИ и Алтернатива за составот на новата влада. На програма како приоритети се економијата, зголемување на ефикасноста во извршувањето на работите на институциите, справувањето со пандемијата, борбата против криминалот и корупцијата, задржување на животниот стандард на граѓаните и посветеноста на унапредување на државата кон европското семејство, пишува Сафит Зеќири во колумната „Дали новата влада може да се нарече влада на отпорот?“
„Човештвото сега ги мрази умните, промислените, рационалните, и се оддава на водството и примерот што го даваат лудаците и површните во секоја област, закачени на најтемните пориви на човековата психа. Ако е за некаква утеха, сепак има тука и некаква „космичка правда“ – токму најревносните следбеници на тоа лудило, ќе бидат и неговите први и најголеми жртви.
Преживувањето на човештвото веќе е сведено на ниво на теоретска шанса и чудо. И да преживее некој, тоа нема да бидат најспособните, ниту најмоќните, туку – најсреќните.“, Петрит Сарачини во колумната „Каква иднина си крои човештвото?“.
„Според претседателот Бајден, „повторно сме ангажирани во борбата меѓу демократијата и автократијата, меѓу аспирациите на многумина и алчноста на малкумина, меѓу правото на луѓето за самоопределување и автократот во потрагата по самиот себе“. Тој кажа дека „од Кина до Русија и пошироко, тие се надеваат дека деновите на демократијата се избројани. […] Тие се надеваат дека Америка е место за автократот, диктаторот, силникот. […] тоа е нешто што никогаш не треба да бидеме“.
Претседателот Бајден гласно кажа што се случи и што се случува со американската, но и со светската демократија во денешно време. Тоа беше директен, искрен и емотивен говор, ослободен од дипломатски заобиколувања.“, прочитајте во едиторијалот од Џабир Дерала „Блескав и незаборавен говор на американскиот претседател Бајден, „Големите лаги“ на трампизмот растурени на парчиња“.
„Негрижата за човековата средина е инаку силен извор на наплив на нови вируси! Човекот, пред се со сечењето на тропските шуми носи во атмосферата огромни заспани вируси. Се работи за површини со големина од 35 фудбалски игралишта секоја минута. Тука се и инсектите истерани од своите живеалишта кои пренесуваат зоонозни болести (кои преминуваат од животните на луѓето). Тука се и сѐ почестите контакти на луѓето со дивите животни и илегалната трговија со егзотични видови, исто како интензивното земјоделство. Има и развиен воздушен сообраќај кој овозможува брзо патување до најоддалечените дестинации, а тоа за вирусите отвора можност да се патува од едниот до другиот крај на нашата планета за практично 24 часа.“ Љубомир Костовски во анализата „Здравствен картон на планетата: Родените по 2000 година може да преживеат најмалку уште една пандемија“.