Во Слободна зона денеска Сашо Орданоски пишува за „тајната агенда“ на сегашниот македонско-бугарски проект, Жарко Трајановски пишува за пропагандните толкувања на изразот „заедничка историја“, односно за Договорот со Бугарија и Александар Николиќ Писарев пишува дека оружјето ќе молчи во руско-украинската криза се додека луѓето разговараат.
„Не требаше долго да се чека, едвај два-три дена, за да се види дека обидот нагло да се подобрат односите помеѓу Бугарија и Македонија со иницијативата на двајцата нови премиери нема да помине со воодушевување во разни политички, безбедносни, академски, медиумски и други – можеби со исклучок на бизнис – кругови и во Скопје и во Софија. По успешните последователни и брзи средби на владите во двата главни градови, исполнети со насмевки, ракувања и внимателни, но „техно-оптимистички“ изјави, следуваат внатрешно-политичките „отрезнувања“ на оние кои очекуваа барем некаков инцидент, некоја изречена или направена провокација, нешто со што ќе можеше веднаш да се оспорат намерите и судбината на целиот „проект“… Не се случи“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Тајната агенда“ на сегашниот македонско-бугарски проект.
„Како се случи овој договор за иднината да биде злоупотребен со пропагандни толкувања на изразот „заедничка историја“, кога во договорот убаво си пишува дека станува збор за „заедничка историја“ која „ги поврзува двете држави и нивните народи“, а не за „заедничка историја“ која ги раздвојува и дели двете држави и нивните народи?“, пишува Жарко Трајаноски во анализата „Договорот со Бугарија е договор за иднината, а не за минатото и историјата!“
„Русија им постави на САД и на Алијансата ултимативно барање да се обврзат дека Украина нема никогаш да влезе во НАТО и за тоа побара писмени гаранции. САД му испратија на Путин одговор дека таквото барање не можат да му исполнат но остануваат отворени за разговор околу разоружување демилитаризација на одредени простори, зголемување на транспарентност, подобри комуникации. Путин уште ги проучува овие одговори и наредната недела веројатно ќе заземе став. Во меѓувреме за да ја „зајакне преговарачката позиција“ испраќа дополнителни воени потенцијали, уфрлува паравоени формации на делови од украинската територија кои се окупирани во 2014 година на Крим, предизвикува инциденти во касарните, води хибридна војна против Украина и Запад. Западот се обидува на дипломатски начин да го реши проблемот, но и му се заканува на Путин дека Русија ќе сноси сериозни санкции доколку се обиде да го загрози територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Путин одговара: „Не, ние својата војска можеме да ја распоредуваме и раздвижуваме како сакаме внатре во своите граници, а Западот е тој кој го прекршува непишаниот договор дека НАТО нема да го проширува своето влијание на Исток“, пишува Александар Николиќ Писарев во анализата „Додека луѓето разговараат – оружјето ќе молчи“.
„Украина како општество, без оглед на бројните предизвици на внатрешен план, покажала и докажала дека е мирољубива земја која негува добри и пријателски односи со сите земји во своето опкружување и во светот.
Затоа, дури и оние што се сомневаат во идеите за мир и слобода за сите нации во светот, па го гледаат само сопствениот и интересот на својата заедница, ќе согледаат дека развојот, стабилноста, мирот и слободата на Украина е и нивен интерес. Само во мирни, стабилни и слободни држави има перспективи за работа, развој и подобрување на стандардот. Конфликтите и војните носат немаштија, глад, болести, страдања и смрт“, пишува Џабир Дерала во ЕДИТОРИЛАЈОТ „Слободата на Украина значи слобода на Европа и на светот“.