Додека Обединетите нации во петокот гласаа за резолуцијата (A/ES-10/L.25) со која се повикува на прекин на огнот во Газа, израелската војска објави дека ги „проширува копнените операции“, по уште еден ден интензивно бомбардирање во опколената енклава.
Во Њујорк, 120 земји-членки на ОН гласаа за „одржливо хуманитарно примирје што ќе доведе до прекин на непријателствата“ во војната меѓу Израел и Хамас, за да може хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа, објави Си-Ен-Ен.
Исходот од гласањето поттикна бурен аплауз во собраниската сала каде што делегатите се собраа да гласаат и да дебатираат. САД, како и Израел, остро ги критикуваа напорите и беа меѓу 14-те земји кои гласаа против во петокот.
Во што се состои резолуцијата на ОН? Кој беше против?
Јордан ја поднесе резолуцијата во Генералното собрание, откако обидите да се повика на прекин на огнот не успеаја во Советот за безбедност.
Нацрт-резолуцијата повикува на „итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје што ќе доведе до прекин на непријателствата“, како и „непосреден, целосен, одржлив, безбеден и непречен хуманитарен пристап“ и бара од Израел да ја поништи својата наредба за евакуација на северот на Газа.
Понатаму, се повикува на „итно и безусловно ослободување на сите цивили кои се незаконски заробени“, но не го именува Хамас како киднапери.
Резолуцијата од петокот беше критикувана од САД и нивните сојузници затоа што не го именуваат експлицитно и Хамас. Амандманот што го поднесе Канада во последен момент, со кој остро се осудува милитантната група, не успеа.
Израелскиот амбасадор во ОН Гилад Ердан го нарече донесувањето на резолуцијата „ден на срамот“ за ОН. „Должност на ова тело е да ги прозива терористите убијци по име, а не да ги крие зад празни зборови. Зошто браните убијци?“ – праша тој.
Во што се состои и како помина амандманот на Канада?
Вокабуларот на резолуцијата на ОН беше неприфатлив за Канада, кои поднесоа амандман во кој Хамас ќе биде и формално прозван за „намерната суровост“ при смртоносните напади врз Израел на 7 октомври. Амандманот не беше прифатен.
Боб Рае, канадскиот амбасадор во Обединетите нации, ги повика делегатите во петокот да го поддржат амандманот со кој Хамас би бил именуван во нацрт-резолуцијата со која се повикува на прекин на огнот, објави канадската ЦТВ.
Противниците на амандманот го оценија како едностран и неправеден, истакнувајќи дека првичната резолуција беше експлицитно дизајнирана за да се избегне повикување на која било од страните.
Амандманот не успеа да го собере потребното двотретинско мнозинство гласови во Генералното собрание, додека самата резолуција помина со разлика од 120 спрема 14.
Канада беше меѓу 45-те нации кои се воздржаа од конечното гласање откако амандманот не беше усвоен.
Премиерот Џастин Трудо рече дека Канада ја поддржува идејата за „хуманитарни паузи“ за да се дозволи помош во Појасот Газа и евакуација на цивили и странски државјани.
Што се случува сега?
Гласањето на Генералното собрание е политички значајно, тоа не е обврзувачко и доаѓа во услови на недостаток на глобален консензус за тоа како да се реши кризата.
Појасот Газа, контролиран од Хамас, дом на 2,3 милиони луѓе, минува низ хуманитарна катастрофа.
Израел најави дека ќе продолжи со копнените напади во текот на следните денови, откако нареди „целосна опсада“ на Газа по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, а околу 200 луѓе беа земени во Газа како заложници. Израелските воздушни напади и блокадата предизвикаа страшни последици по 2-милионското население заробено во Газа.
Во воените операции на Израел во Газа од 7 октомври досега загинаа повеќе од 7.000 луѓе, од кои поголем број жртви се жени и деца, отколку мажи.
Подготви: Џ. Д.