Специјалното јавно обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и произлезени од содржината на незаконското следење на комуникациите, денеска го објави петтиот извештај за своите активности за периодот од 15 септември 2017 година до 15 март 2018 година.
Во шестмесечниот период Специјалното јавно обвинителство завело 136 предистражни постапки, отвори 7 нови истражни постапки, а целосно се одобрени 15 обвиненија.
„Како резултат на одобрувањето на обвиненијата кои претходно ги поднесовме, во извештајниот период започнаа или се закажаа рочиштата за најголем број од поднесените обвиненија. Уште повеќе, овој период веројатно најмногу ќе го одбележат првите донесени пресуди за вкупно 11 обвинети лица, кои претставуваат резултат на квалитетната работа и превземените дејствија во спроведените истраги со кои се обезбедија цврсти докази“, стои во извештајот на СЈО.
Специјалното обвинителство се жали на сè уште нерегулираниот статус и неможноста новите предистраги да ги преточат во обвиненија, откако законскиот рок за ова им истече на 30 јуни 2017.
Целиот извештај на Специјалното јавно обвинителство може да се преземе на следниот линк.