ВЕСТ НА ДЕНОТ
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои ја утврди цена на топлинската енергија согласно актуелните берзански цени на природниот гас.
-Одлуката е донесена на барање на снабдувачите со топлинска енергија БЕГ и Скопје Север поради енормното зголемување на набавната цена на природниот гас, која има доминантно влијание при утврдување на регулираниот максимален приход за вршење на дејноста. Имајќи ја оваа состојба предвид, Владата донесе одлука за прогласување на кризна состојба со топлинската енергија и предвиде мерки за да се избегне ценовниот шок за сметките за домаќинствата кои се греат на топлинска енергија да останат исти. Ова е практично принципот на солидарност за кој зборував, во време на енергетска криза, во овој случај Владата ќе преземе дел од товарот со цел да се заштитат потрошувачите и да немаат зголемени сметки, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
– При крајот на минатата година беше поднесена само една постапка од граѓанин кој се пожали дека е дискриминиран на работното место – вработен во мала рурална локална самоуправа – поради неговото лично чувство дека има бугарско потекло. Ние сме должни да ја прашаме и другата страна. Одговорот беше интересен. Секој вработен во образецот М1/М2 се изјаснува по националност. Жалителот тука се изјаснил како етнички Македонец, па оттука не му е нарушено правото на еднаквост со неговото сменување од работното место, вели Весна Бендевска, претседателка на Државната комисија за заштита од дискриминација.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОДЛУКА Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјални прашања, Јована Тренчевска, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и советникот на претседателот на Владата Милан Живковиќ, денес остварија работна средба со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија, предводени од претседателот на ССМ, Дарко Димовски, а на која главна тема беа барањата на синдикалците за зголемување на минималната плата во Република Северна Македонија.
СОРАБОТКА Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски оствари средба со амбасадорот на Елинската Република , Н.Е. Русос Кундурос, на која беше ставен на добрососедските односи помеѓу двете држави и за можностите за продлабочување на долгогодишната соработката во областите од заеднички интерес, како што е борбата против криминалот, меѓуграничната соработка и сузбивањето на други видови криминал.
ПОДДРШКА Премиерот Ковачевски и специјалниот пратеник на премиерот Борис Џонсон, Стјуарт Пич, разговараа за натамошниот развој на силните и цврстите билатерални односи помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.
ОТЧЕТ Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, на прес-конференција презентира реализирани активности што беа ветени за првите 82 дена од мандатот и притоа се осврна и на ветувањето за намалување на цената на паркинзите, одлука што стапува во сила од 1 март годинава.
ЕКОЛОГИЈА Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје во 2021 година успеало да селектира и балира 538,8 тони отпад, а вкупното количество на собран комунален отпад е 166.678 тони. Ова значи дека тие успеале да селектираат скромни 0,32 отсто од собраното ѓубре од контејнерите, додека преостанатите количества завршиле на скопската депонија „Дрисла“, пренесува Мета.мк.
ДИСТРИКТ
Во ДИСТРИКТ на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Фатмир Беќир Лимани – професор, политичар, градоначалник во обид, бунтовник со кроток дух, борец за правда, за ред и поредок.
Тој зборува за себе и другите, за државата и општеството, за политичарите и анархијата, за кражбите, криминалите, дивоградбите, пропаста на образованието, хаосот во здравството и за други нешта.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Според информациите што ги добивме од експертите за сајбер безбедност со кои соработуваме и со кои денеска бевме во интензивна комуникација, нашите медиумски прилози го привлекле и „читателското“ внимание на помалку пријателски настроени ентитети.
А кога тие „читаат“ тоа го прават „малку“ поинаку.
За жал, имам обврска, заради нашето „сајбер здравје“, да го следам советот на нашите сајбер безбедњаци и да не откривам повеќе детали за видот на „читањето“ што денеска ни го приредија тие „ентитети“. Иако, ако сега му пристапите на некој од нашите интернет портали, повеќето од вас ќе бидат кратко задржани на „контролниот пункт“ на Cloudflare, но по две-три секунди ќе продолжат со своето патување низ нашиот медиумски простор.
Во секој случај, медиумските платформи што беа цел на вниманието на оние што „читаат до корен“ не паднаа во ниту еден момент за време на „читањето“, пишува Џабир Дерала во ЕДИТОРИЈАЛОТ „Тест на издржливоста на нашето сајбер „здравје“.
„Не требаше долго да се чека, едвај два-три дена, за да се види дека обидот нагло да се подобрат односите помеѓу Бугарија и Македонија со иницијативата на двајцата нови премиери нема да помине со воодушевување во разни политички, безбедносни, академски, медиумски и други – можеби со исклучок на бизнис – кругови и во Скопје и во Софија. По успешните последователни и брзи средби на владите во двата главни градови, исполнети со насмевки, ракувања и внимателни, но „техно-оптимистички“ изјави, следуваат внатрешно-политичките „отрезнувања“ на оние кои очекуваа барем некаков инцидент, некоја изречена или направена провокација, нешто со што ќе можеше веднаш да се оспорат намерите и судбината на целиот „проект“… Не се случи“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Тајната агенда“ на сегашниот македонско-бугарски проект.
„Како се случи овој договор за иднината да биде злоупотребен со пропагандни толкувања на изразот „заедничка историја“, кога во договорот убаво си пишува дека станува збор за „заедничка историја“ која „ги поврзува двете држави и нивните народи“, а не за „заедничка историја“ која ги раздвојува и дели двете држави и нивните народи?“, пишува Жарко Трајановски во анализата „Договорот со Бугарија е договор за иднината, а не за минатото и историјата!“
„Русија им постави на САД и на Алијансата ултимативно барање да се обврзат дека Украина нема никогаш да влезе во НАТО и за тоа побара писмени гаранции. САД му испратија на Путин одговор дека таквото барање не можат да му исполнат но остануваат отворени за разговор околу разоружување демилитаризација на одредени простори, зголемување на транспарентност, подобри комуникации. Путин уште ги проучува овие одговори и наредната недела веројатно ќе заземе став. Во меѓувреме за да ја „зајакне преговарачката позиција“ испраќа дополнителни воени потенцијали, уфрлува паравоени формации на делови од украинската територија кои се окупирани во 2014 година на Крим, предизвикува инциденти во касарните, води хибридна војна против Украина и Запад. Западот се обидува на дипломатски начин да го реши проблемот, но и му се заканува на Путин дека Русија ќе сноси сериозни санкции доколку се обиде да го загрози територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Путин одговара: „Не, ние својата војска можеме да ја распоредуваме и раздвижуваме како сакаме внатре во своите граници, а Западот е тој кој го прекршува непишаниот договор дека НАТО нема да го проширува своето влијание на Исток“, пишува Александар Николиќ Писарев во анализата „Додека луѓето разговараат – оружјето ќе молчи“.
„Украина како општество, без оглед на бројните предизвици на внатрешен план, покажала и докажала дека е мирољубива земја која негува добри и пријателски односи со сите земји во своето опкружување и во светот.
Затоа, дури и оние што се сомневаат во идеите за мир и слобода за сите нации во светот, па го гледаат само сопствениот и интересот на својата заедница, ќе согледаат дека развојот, стабилноста, мирот и слободата на Украина е и нивен интерес. Само во мирни, стабилни и слободни држави има перспективи за работа, развој и подобрување на стандардот. Конфликтите и војните носат немаштија, глад, болести, страдања и смрт“, пишува Џабир Дерала во ЕДИТОРИЛАЈОТ „Слободата на Украина значи слобода на Европа и на светот“.
Д. Муратов