Categories

АНАЛИЗА Соочување со гласачката реалност – (не)едуцирана изборна администрација и хаотичен Избирачки список

Во редот нерегуларности на денот на гласање за референдумското прашање „за“ или „против“ прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција, изборната администрација е прва на листата на ЦИВИЛ како предизвикувач на нерегуларности.

Биљана Јордановска

Избирачките одбори, очигледно недоволно едуцирани, со оглед на обуките што ги одбија од Општинските изборни комисии, истите обучени од Државната изборна комисија, не се снајдоа најдобро во решавање на проблемите со Избирачкиот список, со изборниот материјал, со правилата и процедурите во нивната работа, вклучително и почитувањето на кодексот на однесување.

Според извештаите на набљудувачите на ЦИВИЛ од речиси секое избирачко место што го посетиле, најголемиот предизвик за членовите на избирачките одбори е како да одговорат во случаи кога гласачите нема да се најдат на Избирачкиот список, на реакциите на гласачите кога ќе забележат дека во списокот има починати лица, кога гласачите имаат нови лични карти издадени по затворањето на Избирачкиот список или кога ќе видат дека гласачот има лична карта чиј рок на важност е истечен. Првата реакција е јавување во ОИК, втората реакција е препраќање во ОИК, а најчестата е јавување во „централата“ ДИК затоа што не знаат што да им прават на гласачите. Во еден случај нотиран од набљудувачите на ЦИВИЛ, незадоволниот гласач бил испратен во полиција, за потоа тој да биде испратен во ОИК.

На пример, во Избирачко место (ИМ) 1676, Свети Николе, пет лица што се починати повеќе години се наоѓаат на Избирачкиот список, а нема двајца (живи) гласачи со валидни документи за лична идентификација. Лицата не го оствариле своето гласачко право.

Во ИМ 2843, Центар, од двајца гласачи од исто семејство, син и мајка со иста адреса на живеење, едниот се наоѓа на Избирачкиот список, а другиот не.

Во Битола, ИМ 0109, гласач со издадена лична карта во август го нема на Избирачкиот список. Избирачкиот одбор го препраќа во ОИК, но бидејќи не успеваат да го пронајдат во изводите на Избирачкиот список, гласачот не си го остварува своето право на глас.

Избирачкиот одбор во ИМ 1065, Куманово, се соочил со гласач што по електронската проверка на Избирачкиот список, бил на истиот, но на денот на гласање го нема. По некој логика, избирачкиот одбор го пратил гласачот во полиција. Полицијата го испратила во ОИК, а од таму бил испратен дома – без право на глас.

„Еден гласач нема на Избирачкиот список“, „Двајца гласачи нема на ИС“, „Гласачи не можат да се најдат на Избирачки список“, беа пријавите на набљудувачите со секое второ јавување, праќање порака, мејл во Прес центарот на ЦИВИЛ на референдумскиот 30 септември…

Избирачките одбори имаа проблем и со изборниот материјал. Најголемиот проблем го имаа со УВ ламбите. Пријавите што дојдоа од набљудувачите на ЦИВИЛ укажуваа дека во најголем број случаи УВ ламбите не работат. Во тој случај, или се заменувале со други, или се чекало да се донесат нови од ОИК, при што гласањето се прекинувало. Во еден случај, во ИМ 2281, Штип, избирачкиот одбор не извршил проверка со УВ ламба на првиот гласач кој влегол да гласа. Во друг случај, во ИМ 2634, Карпош, избирачкиот одбор не им дозволил на тројца гласачи да гласаат, поради неисправноста на УВ ламбата. Во оваа ситуација, едниот гласач се побунил, по што избила караница меѓу него и член на избирачкиот одбор.

Во ИМ 2739, Кисела Вода, УВ ламбата не работела, но ниту гласањето се прекинало додека се чекало на исправна ламба да пристигне од ОИК.

Од избори во избори, набљудувачите јавуваат за повреда на тајноста на гласањето и низа други трансгресии од членови на избирачките одбори. Дел од нив ги читале имињата на гласачите на глас. Понатаму, некои членови на избирачките одбори гласно коментирале и агитирале, постојано се јавувале на телефон, очигледно, без службена потреба, грубо се однесувале кон набљудувачите, но и кон гласачите.

Во ИМ 1060, Куманово, членови на избирачкиот одбор гласно ги читал имињата на гласачите, некои и по неколку пати. Истовремено, тие се однесувале недолично и кон дел од набљудувачите и ги дискредитирале нивните забелешки. Во ИМ 2762, Кисела Вода, членка на избирачкиот одбор го прочитала името на една гласачка на глас. Кога граѓанката се спротивставила, еден набљудувач се јавил во ДИК да праша дали ова е дозволено. Откако добиле одговор од ДИК дека тоа не е дозволено, членката на ИО не престанала да се однесува крајно дрско до крајот на гласањето на 30 септември.

Ова се кратки илустрации за ниското ниво на почитување на процедурите и на правото на глас, наспроти тоа што ДИК се потруди да изработи едукативен материјал, вклучувајќи го и 30-минутното видео. Очигледно, дел од членовите на избирачките одбори, инаку вработени во администрацијата, не разбираат дека тие се таму за да служат како пример за законитост и строго придржување кон процедурите, дека добиваат солидни дневници за својата работа што доаѓаат токму од џебот на граѓанките и граѓаните. Ова секако е сериозна забелешка до ДИК, институција што мора да се погрижи нејзините тела да функционираат коректно и според законот, но тука има работа и за министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски.

И ова не е сè. Неколку пријави од набљудувачите на ЦИВИЛ на денот на гласање сведочат за голем број грешки што членовите на избирачките одбори ги прават во процедурите. Тие забораваат да го обележат гласачот со спреј или да го проверат со УВ ламба. Во неколку пријави од теренот се говори за лошата поставеност на параваните, недостаток на параваните за лица со попреченост, непречено фотографирање (селфи) на членови на избирачките одбори внатре во избирачките места, а во голем број случаи членовите на избирачките одбори не ја почитувале обврската да носат беџеви за идентификација. Се разбира, тоа не ги спречи ревносно да ги идентификуваат набљудувачите на ЦИВИЛ, да им бараат непотребни овластувања и документи, да ги прашуваат за личните податоци на одговорните лица во организацијата или да ги испрашуваат колку се платени за нивното набљудување.

Изборната администрација потфрли, очигледно и на денот на гласање на немоќни и болни лица и лица што издржуваат казна затвор кои гласаа во сабота, 29 септември.

Имено, десет затвореници во тетовскиот затвор не успеале да си го остварат правото на глас бидејќи ги немало на дополнителниот Избирачки список, затоа што биле уапсени, односно упатени в затвор, по рокот за пријавување. Избирачкиот одбор не дозволил да гласаат, ОИК Тетово одговори дека ако не се пријавиле до крајниот рок за да се најдат на дополнителниот Избирачки список – немаат право на глас. Подрачното одделение на ДИК остана на ставот дека немаат надлежност да донесат со образложение дека одлуки можат да носат само членовите на ДИК, а тие можат само да ги спроведат донесените одлуки. ДИК одговори дека затворениците се водат на адреса на живеење, па така, единствена можност за остварување на гласачкото право е ако Управата на затворот одлучи да ги пушти. А, не е само тетовскиот затвор во прашање.

„Ако само еден набљудувач на ЦИВИЛ успеа да регистрира над 100 гласачи чие право било ускратено, во само една општина, размерите на овој проблем може само да се замислат. Но, не постои институционален одговор, ниту волја да се утврди која е бројката на лица што се вратиле од избирачките места, без гласање“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ за кршењето на правото на глас.

Накратко, изборната администрација под водство и на сегашниот, привремен состав, потфрли на штета на граѓанките и граѓаните. Веројатно, околностите во кои овие пропусти се направени, се далеку покомплексни и бараат целосно внимание на повеќе ресори во владата.

Предупредувањата и препораките на ЦИВИЛ скоро во секој изборен процес дека мора да се најде конечно решение за хаосот во Избирачкиот список, мора конечно да се сфатат и спроведат. Мора да се обрне поголемо внимание при едукација на изборната администрација, а над сѐ, мора да се заштити правото на глас и да се пронајдат механизми за остварување на гласачкото право без префрлање на одговорностите од една институција во друга, а никој да не ја исполни главната задача – максимално почитување на правото на глас. Одговорност мора да има!

 


Фото: архива на ЦИВИЛ

Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста 

Print Friendly, PDF & Email