Очекуваме во наредиот период да има повеќе испишани отколку примени пациенти. На инфективните оддели има се повеќе слободни места. Ја следиме состојбата од ден на ден и подготвени сме за секое сценарио. Доколку овие прогнози не се остварат, имаме на располагање и нови оддели и дополнителни болнички капацитети подготвени да се отворат, рече министерот за здравство, Венко Филипче на денешниот состанок со директорите на КОВИД-центрите во комплексот „Мајка Тереза“.
На состанокот, како што соопшти Министерството за здравство, беше разгледана состојбата со бројот на хоспитализирани и слободни места по инфективните одделенија. По напрвените анализи е заклучено дека минатата недела е достигнато платото по бројот на хоспитализирани пациенти и веќе има благ пад на бројот на хоспитализрани на дневно ниво.
Според Министерството, на сите инфективни оддели има слободни места со довод на гасови, а во наредните неколку дена ќе завршат градежните работи кои ќе овозможат да се отворат нови соби со довод на кислород.
„Мерки кои Комисијата за заразни болести ги донесе даваат резултат и бројаката на хоспитализации се стабилизра. Се надеваме дека овој тренд ќе продолжи“, истакна Филипче.
Од денеска се очекува одреден број доктори и медицински сестри кои работеле за војската, да се приклучат кон здравствениот персонал од јавните здравствени установи во борбата против ковид пандемијата. По прогласувањето на кризната состојба, како поддршка во обезбедување на ред во ковид центрите низ државата распоредени се и припадници на Армијата.
Изминатото деноноќие беа регистрирани нови 820 случаи од направени 2019 тестови. Министерството за здравство соопшти дека починати се 32 пациенти, а оздравени 895 пациенти.
Министерот за здравство Венко Филипче со апел до граѓаните во претстојниот период на слави и прослави да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита.
„Славите, прославите и семејните собири беа причина за влошување на епидемиолошката состојба за време на првиот бран, да не дозволиме тоа повторно да се случи. Заштитете се себе си и сите околу вас“, напиша вчера Филипче на Фејсбук.
Според информациите што вчера ги објави Министерството за здравство, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1282 и има колку 190 празни болнички кревети, но, како што посочува, бројките се менуваат од час во час во зависност од направените приеми и исписи.
Ковид центрите на интерните клиники во Скопје на покана на министерот за здравство ги посетил и доктор Никола Пановски, кој изготвил стручно мислење во кое меѓу другото навел дека правилно се третираат пациентите.
„Што се однесува до терапијата со антибиотици, за дијагнозата пневмонија, се почитуваат протоколите за лекување, и антибиотици се ординираат според клиничката слика, компјутерска слика на белите дробови и комплетни лабораториски наоди, каде се користи и најосетливиот маркер за диференцијација на вирусна од бактериска инфекција, прокалцитонинот. Се почитуваат протоколите за антибиотска терапија на пневмониии, како на пример монотерапија со респираторен кинолон, или комбинација на беталактам (цефтриаксон) со макролид (азитромицина најчесто) и кај тешките форми, каде нема ефект од оваа терапија или постои сомнение за болнички стекната пневмонија, се ординира карбапенем (имипенем или меропенем) со ванкомицин“, напишал Пановски во дописот до Филипче.