Втор извештај за кршењето на изборниот молк
Атакот врз гласачите во Мелбурн, постиран и споделуван на социјалните мрежи претставува шокантно, грдо и грубо кршење на изборниот молк и притисок врз гласачите. Среде изборниот молк, овој антидемократски акт се злоупотребува на социјалните мрежи и во Македонија.
Во попладневните и вечерните часови на 29 септември набљудувачите на ЦИВИЛ доставија извештај за прекршување на референдумскиот молк во Пробиштип. Буквално на секој влез од зградите биле залепени пропагандни материјали.
Во текот на вчерашниот ден до ЦИВИЛ стигнаа и многу пријави за говор на омраза на социјалните мрежи. Покрај групата на фејсбук „Предавници“, каде беа објавувани видеа од граѓани од дијаспората, кои се одлучиле да гласаат, и беа нарекувани со погрдни зборови поради својата одлука, дел од набљудувачите на ЦИВИЛ го пријавија и профилот на Миленко Неделковски, каде што се шири говор на омраза во текот на молкот.
Миленко Неделковски, на видео во живо, на својот профил, носел маица со натпис „Бојкотирам“ и употребувал говор на омраза кон оние кои ќе излезат да гласаат на референдумот, користејќи навредливи зборови.
По вчерашните пријави за во Мелбурн, Австралија, се појавија и видеа од гласачи во Торонто, Канада, каде што гласачите беа малтретирани и попречувани.
ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да пријават поткуп, притисоци и закани на онлајн пријавата на веб страницата Слободни избори или на телефоните: 02 / 5209 176, 070 / 461 480. Тимот за анализи и координација на ЦИВИЛ ќе отвори прес центар, в недела на 30 септември, кој ќе работи од 6 наутро до полноќ.
А. Петровска