Амбасадорот на Шведска во Република Северна Македонија, Н.Е. Матс Стафансон, денес имаше средба со Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзините соработници.
Стафансон пренесе дека шведската влада високо ја вреднува работата на Специјалниот јавен обвинител и нагласи дека продолжувањето на досегашните истраги, обвиненија и случаи треба да биде обезбедено.
Шведска и другите земји членки на Европската Унија одблиску ги следат преземените чекори за измените на Законот за јавното обвинителство, со кои СЈО би станало постојан дел на правниот систем на Северна Македонија и во иднината би требало исто така да има проширен мандат за делување со други случаи на корупција на високо ниво.
“Договорот од Преспа со Грција кој беше неодамна ратификуван, еднаш засекогаш го решава долгогодишното ‘прашање со името’, покажувајќи на светот дека Балканот може да генерира стабилност и позитивна енергија.
Сепак, сеуште постои силна потреба за справување со корупција на високо ниво и за истражување на бројните индикации за злоупотреба на моќ, кои произлегуваат од снимените комуникации.
Во овој контекст, СЈО мора да ја задржи својата круцијална улога преку осигурување на неговите капацитети и независност.
Бидејќи има јасно влијание врз ЕУ перспективата на Северна Македонија, политичките партии и Собранието би требало да го решаваат ова прашање со огромна итност”, изјави Стафансон.