„Во однос на безбедноста на компјутерските системи може дури обичниот корисник да биде проблем во одредена мерка, доколку софтверот кој се користи на компјутерот е пиратски има зголемена можност тој софтвер покрај тоа што бил украден или препродаден да содржи со себе и разни други работи кои можат да се во корист на некому“, изјави Филип Стојановски од фондација Метаморфозис на панел дискусијата „Сајбер напади – предизборно оружје“ во организација на ЦИВИЛ.
Стојановски потенцираше дека исклучително е важно да се користи легален софтвер кој што е проверен и за кој има гаранција, ама и да се инсталираат и оние мерки на безбедност како анти вируси и анти шпиунски софтвери кои цело време потоа преку интернет самите се надополнуваат.
„Сето тоа чини одредена сума пари, ништо не е бесплатно, но штетата е поскапа отколку заштедувањето преку пиратство“, изјави Стојановски.
„Ние во Метаморфозис, преку медиумите Мета и Порталб сме дел од една регионална иницијатива за спротивставување на дезинформациите кои ги преминуваат границите. Имаме ситуација бидејќи ги следиме ситуациите на регионот, да видиме дека има на регионално ниво често има многу повеќе од само пуштање на лажни вести или искривување на фактите или додавање на националистички наративи на некоја вест од некоја земја, со цел да се оцрни некоја етничка група, на која на дадена политичка структура тоа и одговара тоа во соседството и слично, но, има и случаи кои на некој начин покажуваат дека оние кои се борат за слободата на изразување низ Балканот, се мета на вакви напади. Истовремено знаеме дека често оние сили кои се противници на демократијата понекогаш функционираат координирано или си помагаат едни на други“, додаде Стојановски.
Тој вели дека државава веќе има направено чекори во последниве години, со воведување на нови стратегии, кои веројатно се дел од градењето на безбедносниот систем и влегувањето во НАТО, но, според него, со влегувањето во НАТО нема да се решат автоматски сите проблеми и дека мора да работиме како општество за да се заштитиме.
„Во вакви случаи е исклучително важно брзо да се интервенира, да се направат сите можни мерки кои ќе спречат вакви случувања во иднина, иако тоа може да биде многу тешко, бидејќи ако е дистрибуиран нападот може веднаш да профункционира тој систем на меѓународна правна помош“, истакна Стојановски.
А. Петровска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Владимир Перчуклиевски
фотографија: Биљана Јордановска