ДРАГАН МИШЕВ
Заминува јануари. Од под снежната покривка веќе почнаа да ѕиркаат кокичињата, како предвесник на претстојното будење на природата и доаѓањето на пролетта. Случајно или не, токму овој период Форумот за образовни промени ги повика студентите да го бојкотираат наметнатото плаќање на дополнителната сума од 3.500 денари, додека УКИМ не се соземе и не се откаже од ова.
Истовремено, тие го повторија барањето за бесплатно јавно образование, ветувајќи дека остро ќе се спротивстават на секој обид за злоупотреба на парите на студентите.
Ќе биде ли овој повик на Форумот за образовни промени предвесник на будењето на студентите од зимскиот сон во кој се западнати веќе подолг период, и почеток на една нова, надежна студентска пролет?
Ќе ги поведе ли некој студентите, да станат во одбрана на своите права, но и на својата иднина, како што тоа го прават нивните колешки и колеги во соседна Србија, кога тоа веќе не може (или несака) да го направи Студентски сојуз на УМС, пардон УКИМ, кој не крена глас ниту за подобрување на студентскиот стандард, а не успеа ниту да издејствува зголемување на сумата за студентски оброк во услови на галопирачки раст на цените?