ДРАГАН МИШЕВ
Таче се (по)јави. Вистина се (по)јави. По малку подзаборавениот поранешниот премиер и сегашен пратеник од редовите на опозициската СДСМ се појави во јавноста за да покаже дека сé уште е тука, постои.
Не, не излезе на собраниска говорница во одбрана на позицијата и напредокот во евроинтегративните процеси на Македонија од времето кога тој ја водеше Владата на земјава. Не, ниту одржа прес за да ги побие изјавите на Мицкоски дека во негово време биле девалвирани позициите за македонскиот идентитет и јазик во Брисел, ниту да му појасни на сегашниот премиер додека се пенави да покаже дека тој сега го брани македонскиот идентитет и јазик, дека истиот пред неговото доаѓање на власт и секојдневните провокации кон ЕУ и Бугарија, воопшто не беше доведен во прашање. Ниту се обиде да му го освежи памтењето на Мицкоски дека да не беа опструкциите од неговата, тогаш опозициска ВМРО-ДПМНЕ, со внесувањето на Бугарите во уставот сега ќе отваравме поглавја во преговорите како Албанија.
Не. Поранешниот премиер Димитар Ковачевски во понеделникот се појави на приемот во американската Амбасада по повод 4 Јули, Денот на независноста на САД. И уште се пофали на Фејсбук дека ја имал таа чест да биде поканет.
Ете, некој сé уште се сеќава на него, иако тој се труди да биде заборавен. Дури ни ВМРО-ДПМНЕ не го спомнуваат, иако катадневно ги спомнуваат сите претходни и сегашни функционери на СДСМ, од Заев, Филипче, Бисера, Цаци, па до најситните службеници поставени во тоа време. Додуша, спомнуваат од ДПМНЕ еден друг Ковачевски, поранешениот директор на ЕСМ, Васко, кој ќе го апсеа, ама им избега. Ама не и поранешниот премиер Ковачевски.
Инаку, поранешниот премиер одвреме навреме е активен на Фејсбук, додуша ретко, ама тогаш споделува објави за неговите учествува на Економските состаноци на Екс-ан-Прованс, Франција (Les Rencontres Economiques d’Aix-en-Provence) во организација на Кругот на економисти од Франција; на пријателска работна средба со меѓупарламентарната група на Големото турско национално собрание за пријателство на Турција со Северна Македонија; на тркалезната маса во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје; на свечената академија по повод 80 години од основањето на Црвениот крст на РСМ, а бил и дел од Самитот Македонија 2025.
Без сомнение, многу силен политички ангажман и влијание, на што може да му позавиди и претседателката Сиљановска Давкова.