Како реакција по повод неуспешната интерпелацијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Демократската Фракција на опозицијата денеска упати остра критика кон Хриситјан Мицковски оценувајќи го целиот процес со голема единица.
На прес-конференцијата, Јове Кекеновски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ, со водство на Мицковски досега успеале само да спроведат недоследна дневно партиска политика распната меѓу вистината и лагата.
„Господине Мицковски, требаше некој претходно да ве поднаучи дека опозицијата не поднесува интерпелација за да ја зајакне позицијата на Владата и да ѝ даде дополнителен легитимитет, а себеси да се обезличи?
Интерпелација не се поднесува за да се залечи и санира изгубениот владин кредибилитет, а да се наруши сопствениот. Интерпелација не се поднесува кога поднесувачот нема доволен број гласови, и кога однапред знае дека истата е осудена на неуспех и кога истата нема да биде поддржана од другите опозициони партии. Знаете ли што направивте? Едноставно, покажавте несериозност, несигурност и недоследност на пратеничката група“, изјави Кекеновски.
Посочувајќи дека сега на премиерот Зоран Заев му се одврзани рацете да прави онака како што замислил и да си го врати изгубениот рејтинг, Кекеновски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не смее да води туѓи битки и битки за лични интереси, а чесните членови на партијата да служат за еднократна употреба.
„ДПМНЕ и ВМРО се во сериозен расчекор и се соочуваат значајна одлука во времето кога е пред нас и затоа сакаме посебно да се обратиме до пратениците кои треба конечно да одлучат и да одберат дали ќе учествуваат во забрзано пропаѓање на партијата или ќе учествуваат во изградба на современа, демократска и конструктивна партиска опозиција која ќе се бори за достоинствена Македонија“, рече Кекеновски.
На пресот беше присутен и новиот демократски фракционер, Филип Петровски.
Биљана Јордановска
Камера и фотографија: Дехран Муратов