ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ
Инспирацијата за насловот на денешната колумна ја добив од една вистинска случка која се случи пред неколку години на една роденденска прослава на еден мој пријател и колега во мега популарната кафеана „Вила Весница“. Меѓу присутните гости и легендарниот боем Славе Биљбиљ кој, за жал, почина неодамна. Сопругата на мојот другар сопственик на кафеаната во желбата да ги покаже и да се пофали со своите неспорни гастрономски и слаткарски вештини пред крајот на прославата, за десерт на сите присутни гости ни понуди печена тиква прелиена со шербет.
Првото парче печена тиква му беше понудена на Славе Биљбиљ со замолница тој како долгогодишен угостител да каже како е направена тиквата и дали му се допаѓа. А Славе, убаво заседнат на пребогатата софра, не ја дослушува од прва. Но Менка не би била Менка доколку не е упорна и повторно по втор пат му предлага да ја проба тиквата, бидејќи е сигурна дека таква тиква не пробал никогаш во животот. На крајот се одоброволува Славе да проба парче од печената тиква и да даде свој коментар. Станува од столицата, се исправа толку колку што е висок, ги засукува ракавите, со едната рака ги мазни брковите, а во другата рака со чаша вино вели:
„Госпоѓо Менка тиквата е прекрасна. Навистина немам јадено никогаш поубава и послатка тиква. Ама да си знаеш, тиквата е тиква.“
Дека тиквата е тиква имав и јас можност да се уверам неодамна, кога по некоја случајност искомуницирав со еден познат новинар кој од неодамна е главен и одговорен уредник на една од ТВ со национална концесија. Момчево кое е дојдено во Скопје некаде од внатрешноста на државава го познавам уште од времето кога почнуваше да работи како новинар (морам да признам дека денес е одличен новинар), бидејќи честопати ме бараше да му дадам изјави за одредени теми кои му беа на дневен ред односно дадени како задача. Соработката беше одлична со меѓусебно уважување и почитување. Секогаш кога ќе бил во „кнап“ ситуација и ќе ме побарал за изјава или коментар, јас не сум го оставил на цедило. Секогаш добивал одличен и доволно материјал за да си ја заврши задачата. И така беше сѐ додека не стана голема ,,sверка”, главен и одговорен уредник на ТВ со национална концесија.
Пред некој месец, сосема случајно, на фб пред очи ми излезе еден текст од еден наш политичар за дотичниов новинар, сега уредник, и за сопственикот на ТВ куќата во која тој уредникува, дека имале поднесено барања за добивање бугарски пасош. Газдата си добил пасош, но овој уредников извисил. И понесен од таа пласирана информација и јас „ничим изaзван“ напишав еден саркастичен фб пост за двајцата баратели на бугарски пасош и државјанство. За волја на вистината, постот беше пред сѐ наменет за неговиот газда, иако уредников во оваа ситуација беше само пропратна и небитна фигура. Но нејсе, текстот беше напишан и објавен на мојата фб страница. Имајќи претчувство дека можеби објавениот пост ќе предизвика нелагодност кај посочените персони, по половина час од објавата го избришав постот. Меѓутоа „ѓаволот ја однел шегата.“ Кој да ти знае дека моите постови толку да ти биле читани за толку кратко време. И така, „големиот“ главен уредник кој најверојатно си мисли дека од таа позиција го фатил господ за ј..ца, откако прочитал што сум напишал „смртно“ ми се налутил.
И без да знам за мојот смртно направен „грев“, доаѓа време кога на уредников „Македонец кој, поради егзистенцијални причини, имал намера да се побугарчи“, му пуштам линк од моја објавена колумна на оваа страница на која е објавен денешниов текст за да ја прочита истата. Текстот се однесува на мега криминалот кој се прави во нашава државава, а кој останува несанкциониран од страна на надлежните институции. Целта на моето известување до него беше и тој како главен и одговорен уредник со останатите новинари во овој голем електронски медиум со вакви и слични истражувачки стории да дадат свој придонес во намалувањето и санкционирањето на сѐ поприсутниот криминал и корупција.
Меѓутоа, по само неколку минути видов дека сум ја утнал адресата и целта. Големиов уредник ми одговара: „Нема потреба од комуникација по вашиот текст за мене. Барајте си ја среќата во друг медиум“. Читам и не можам да верувам, па затоа повторно неколку пати препрочитувам. Си велам да не е некоја грешка? Но, не било грешка. Тоа е тоа. Среќата ќе мора да си ја барам во друг медиум, а не таму каде што мојов некогашен пријател е времено главен и одговорен уредник.
Но драг мој поранешен пријателе, редно е, како помлад човек, да знаеш дека јас среќата никогаш не ја барав од тебе или од медиумот во кој сега си вработен. Мојата среќа и радост досега ниту ти, ниту твојот медиум ми ја дал, ниту пак ми ќе ми ја земе. Замислете, еден професор Кекеновски се „дрзнал“ да се насмее (или да биде интересен) малку на туѓа сметка и на „желбата и спремноста некој да се побугарчи“ и притоа несвесно и не сакајќи длабоко го навредил чувствата на уредников кој, ете, ќе ме казнел со тоа што ќе ми посочи каде да си ја барам мојата среќа во иднина. Додека е тој е уредник за мене таму среќа нема. Аууу, ептен страшна работа. Брејј, брејјјј, што мака ми стори. По цели денови му се думам што ќе се прави и кое чаре ќе се бара сега и во иднина? Ок уредниче, нема проблем. Како ти ќе кажеш, така ќе биде. Ти си сега во моментов „голема“ фаца и фактор. Поголем и посилен си дури и од сопственикот на медиумот. Меѓутоа, како млад човек, редно е во животот да ја слушнеш, но и да се обидеш убаво да ја разбереш онаа црногорска народна поговорка: „Ни једна никоме није горјeла до зоре.“
И што дополнително да се каже или напише по сето ова? Некако случајно, од прва, на ум ми падна приказната од почетокот на колумнава со боемчината Славе Биљбиљ и печената тиква на госпоѓа Менка. Значи, не само печената, туку и покондурената тиква е тиква.
П.С. Да биде комедијата или пак судбината поголема, истиот ден кога ја добив пораката од големиов уредник, вечерта седевме маса до маса со неговиот газда, на 60-тиот роденден на наш заеднички другар. Мезевме, пиевме, муабетевме, се веселевме, но ниту за печената, ниту за покондурената тиква не стана збор. Штета што господ подолго не ни го поживеа Славе Биљбиљ.