Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во емисијата Отворено на Телевизија 24, изјави дека во моментов се собираат повеќе докази за тоа дали полицискиот службеник кој бил на смена кога Артан Груби ја напуштил државата направил грешка од невнимание или пак тоа било орагнизирано во рамки на одредена група која го организирала бегството.
„За ова е отворена истрага и постапува Основното јавно обвинителство и во рамки на она кое ние го имаме како неспорен доказ имаме поднесено кривична пријава за лицето и истото е суспендирано од работа. Во момнтов се води и истрага за тоа дали имало некаква комуникација и за каква комуникација станува збор“, рече Тошковски во гостување на 24 тв.
Тој потенцираше и дека со цел да се спречи токму вакво сценарио биле направени посериозни подготовки и биле ангажирани сите ресурси. Според него на границата имало и други дополнителни служби кои требало да реагираат доколку постои бегство но истите не реагирале бидејќи станувало збор за тајна операција.
„Факт е дека на границата имаше други дополнително пратени служби да регаираат во рамки на евентуалното бегство на предметното лице но исто така факт е дека не знаеја кого треба да стопираат затоа што тоа е дел од полициската оперативна работа, вели Тошковски.