Директорот на Центарот за култура ,,Ацо Шопов”, Горан Трајков, за ЦИВИЛ Медиа истакна дека Народниот театар во Штип е првата установа од овој тип во земјава која ја прилагоди својата сала за лица со физички хендикеп, кои се движат со помош на помагала. Исто така додаде дека и за лицата со оштетен слух е поставено ново озвучување и се анагжирани лица, односно тон мајстори, со цел да оди титлување во живо, со опис на звуци, за да и тие можат да ги следат настаните.
„За првпат во Народниот театар во Штип воведуваме титлување на секоја една претстава и тоа ќе се наоѓа на самиот раб од сцената за да можат луѓето коишто имаат оштетен слух да може да присуствуваат и да бидат инклузивно вклучени во целиот процес на гледање на театарска претстава што досега не беше таков случај.
Со инвалидската количка нема место ниту за разминување и постои објективен проблем, што за лицата како нас не е проблем, но за овие лица претставува проблем што не може да припаѓаат во оваа група. Затоа решивме да извадиме по 5 седишта од првиот и вториот ред за да може да се сместат инвалидски колички и со тоа ќе имаат целосна рамноправност со останатите гости и нема да штрчат, туку ќе бидат дел од останатата публика. Се надеваме дека со ова ќе придонесеме да се чувствуваат дека се дел од ова општество кое е еднакво за сите. Ако ова е едно општество не треба тие да бидат на страна, ние ќе направиме да бидат исто вклучени и на исто место да бидат дел од таа публика, а не да седат на страна или да нема место за нив кај да се сместат.
Целосно ги почитуваме различностите, не само декларативно со рампата која ја имаме надвор за инвалидните лица, туку ние од рампата надвор сакаме и тука внатре во салата да им овозможиме услови за инвалидните лица да се чувствуваат пријатно како прави и еднакви граѓани како останатите“, истакна Трајков.
Тој се надева дека ова ќе ги мотивира и другите театри во РС. Македонија да го имплементиораат овој театарски подвиг за инклузија на лицата со оштетен слух и да ја прилагодат својата сала за лица со физички хендикеп, кои се движат со помош на помагала.
текст и камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Ирена Крџиќ