Доналд Трамп изјави дека договорот за завршување на војната во Украина е „поблиску од кога било“, но призна дека „трнливите“ прашања за иднината на источниот регион Донбас сè уште не се решени, по двочасовниот состанок во неделата со Володимир Зеленски во Флорида, објави Гардијан.
Трамп рече дека нацрт-договорот за завршување на војната е речиси „95% готов“. „Навистина мислам дека сме поблиску од кога било со двете страни“, рече тој, додавајќи дека рускиот претседател, Владимир Путин, исто така сака „да го види тоа како се случува“.
Американскиот претседател призна дека има „едно или две тешки“ нерешени прашања, околу територијата и како би можела да заврши војната и изрази сочувство кон Русија што не сака прекин на огнот. „Мора да ја разберете другата страна“, рече тој.
Тој, исто така, понуди да патува во Кијив за да се обрати во украинскиот парламент пред евентуалното гласање за мировниот план, велејќи дека смета оти тоа веројатно нема да биде потребно. „Секогаш сте добредојдени“, порача Зеленски.
Зеленски постојано му се заблагодаруваше на Трамп и му оддаваше почит на неговиот американски тим, вклучувајќи го и претставникот на претседателот Стив Виткоф и зетот Џаред Кушнер.
И покрај позитивните очекувања, имаше малку знаци дека вистински договор е неизбежен, пишува Гардијан. Кога беше прашан за статусот на нуклеарната централа Запорижја – окупирана од почетокот на целосната инвазија на Русија во 2022 година – Трамп даде збунет одговор и рече дека Путин повеќе не ја бомбардира.
Средбата се одржа само неколку часа откако Трамп имаше долг телефонски разговор со претседателот на Русија.
„Двајцата лидери сакаат тоа да заврши“, рече Трамп, додавајќи: „Мислам дека можеме да продолжиме доста брзо. Инаку ќе трае многу долго.“ Трамп го пофали Зеленски, велејќи: „Овој господин работеше многу напорно и е многу храбар, а неговите луѓе се многу храбри.“
Д. Т.












