Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека нема да му дозволи на Бенјамин Нетанјаху да го анектира Западниот Брег, окупиран од Израел, пренесува Би-би-си.
Зборувајќи пред обраќањето на израелскиот премиер пред Генералното собрание на ОН во петок, американскиот претседател им рече на новинарите во Овалната соба:
„Нема да дозволам Израел да го анектира Западниот Брег… Тоа нема да се случи“.
Трамп, кој ќе се сретне со Нетанјаху во понеделникот, исто така рече дека договорот за Газа е „прилично блиску“.
Израел се соочува со зголемен глобален притисок да ја прекине војната во Газа и окупацијата на Западниот Брег, бидејќи бран западни држави формално ја признаваат независната палестинска држава.
Крајнодесничарските Израелци ја гледаат анексијата како начин да се запре оваа перспектива. Ултранационалистите во владината коалиција на Нетанјаху постојано повикуваат Израел целосно да го анектира Западниот Брег, дел од палестинските територии.
Велика Британија и Германија велат дека го предупредиле Израел против анексијата, додека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во понеделник во ОН изјави дека тоа би било „морално, правно и политички неподносливо“.
Во четвртокот, Трамп им рече на новинарите во Овалната соба дека разговарал со Нетанјаху, како и со други лидери од Блискиот Исток.
„Се приближуваме до постигнување договор за Газа, а можеби дури и мир“, рече Трамп.
Обраќајќи се пред Генералното собрание на ОН преку видео врска во четвртокот, палестинскиот претседател Махмуд Абас, кому му беше забрането од САД да патува во Њујорк за да се појави лично, рече дека е подготвен да соработува со светските лидери за спроведување на мировен план за Израел и Палестинците, објавен од Франција во понеделник.
Тој им се заблагодари на земјите кои неодамна признаа палестинска држава во бран декларации што започнаа со Канада, Австралија, Велика Британија и Португалија во недела, по што следеа Франција, Белгија, Луксембург, Малта, Монако, Сан Марино, Андора и Данска.
САД во моментов се противат на признавањето на Палестина, велејќи дека таков потег е награда за Хамас.
Трамп во вторникот во Обединетите нации се сретна со лидерите на клучните арапски и муслимански земји, кои го предупредија за последиците доколку Израел продолжи со анексијата.
Д. Мишев