Со едноминутно молчење, започна комеморативната седница на Општина Гостивар, каде што, освен домаќинот Арбен Таравари, учествуваше и премиерот Зоран Заев, а се појави и Ѓорѓи Иванов. Советот прогласи три дена на жалост, 14, 15 и 16 февруари. Во неговиот говор, градоначалникот Таравари рече дека ова се тешки денови за целиот град и целата земја и дека поголема болка од последната не видел во својата професионална кариера како лекар.
“Како лекар по професија, во мојата работа сум видел многу болка, но ништо не може да се спореди со оваа трагедија која е седната со скрстени нозе во нашиот град! Никој не знае кои биле нивните последни мисли, никој од нив не знаел дека ќе го загуби животот во еден ден како вчерашниот кога се враќаа дома. Болката им останува на оние кои преживеаја, болката останува наша! Многу е тешко да ја контролираме нашата болка, особено мајките, децата, татковците, сестрите, браќата, оние кои се директно погодени од несреќата!” – рече Таравари пред присутните.
Премиерот Заев кажа дека болката е заедничка со семејствата на настраданите и вети помош за нив и во иднина. „Нема да бидете сами“ – рече тој, додавајќи дека ќе се ангажира и за откривање и на причините што донесоа до оваа трагедија.
„Драги пријатели и сограѓани, човекот, додека има луѓе околу себе, не е сосема сам. И дојдов да ви кажам, дека загубата е ненадоместлива, но не сте сами и нема да ве оставиме сами. Духовно сме со вас. А ќе бидеме со вас и во иднина. Преземаме обврска да помогнеме на семејствата со возможното и за тоа лично ќе се заложам. Исто така, како Влада и како надлежни органи, ве уверувам дека ќе сториме сѐ да ги расветлиме причините за трагичната несреќа“ – изјави премиерот Заев.
Ѓорѓи Иванов изјави дека загубата е тешка, но уште потешко е ако вакви настани ни се повторуваат. Ова, според него, треба да биде поука да бидеме секој пат внимателни. „Нека биде поука да бидеме сплотени, да се почитуваме, и секој пат да си укажуваме поддршка во вакви моменти, затоа што животот е краток, многу брзо проаѓа. Нека биде животот исполнет со моменти на среќа и на радост, а не со тага“ – изјави Иванов.
Денеска, во новите гробишта во Гостивар беше погребан и бруцошот од медицински факултет, Онур Садики, кој вчера го загуби животот заедно со неговите 14 сограѓани, во сообраќајната несреќа на автопатот Скопје-Тетово.
Арбен Зеќири