Основниот Кривичен суд – Скопје поднесе обвинение против Емил Јакимовски, поранешен вработен во Централниот регистар, член на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка, сопственик на интернет медиуми, близок со врвот на партијата, меѓу кои и со Сашо Мијалков и Никола Груевски. Тој стана актуелен по лавината вербални напади со изразен говор на омраза против новинари и јавни личности, меѓу кои и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Обвинението се однесува на закани и семејно насилство врз неговата поранешна сопруга и нејзиниот татко.
Според информациите до кои дојде ЦИВИЛ Медиа, Јакимовски делата ги повторил во неколку наврати, а според сведочењата на неговата поранешна сопруга најверојатно често користел и психотропни супстанци.
Според решението на Основниот граѓански суд Скопје, на Јакимовски му се изречени и привремени мерки за забрана за доближување до неговата поранешна сопруга, нивниот син и членови од семејството на сопругата.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, ценејќи дека постои реална опасност тој да се даде во бегство за да ја избегне кривичната одговорност.