Вкупно 11 нови градинки ќе се градат годинава во различни делови од Македонија со поддршка од Министерството за труд и социјална политика.
Министерката Мила Царовска денеска ги потпиша договорите со градоначалниците на општините кои партнерски ќе учествуваат во изградбата на објектите. На списокот за изградба на нови градинки се општините Ѓорче Петров, Куманово, Кавадарци, Брвеница, Босилово, Врапчиште, Шуто Оризари, Демир Капија, Штип, и Гази Баба.
Со изградбата на градинките капациетот се проширува за вкупно 860 деца, а ќе се отворат и најмалку 100 нови вработувања. За оваа намена од буџетот на МТСП се обезбедени 85,3 милиони денари без ДДВ.
„Капиталните инвестиции во детската заштита се и остануваат приоритет на Владата. Раниот детски развој е многу важен за понатамошниот развој на човекот, затоа посветено работиме на јакнење на капацитетите и стручноста на детските градинки низ цела држава и во руралните и во најодалечените места низ Македонија. Годинава буџетот на МТСП за капитални инвестиции во детската заштита е зголеме за 300 %, дополнително на располагање имаме пари и од Светска банка “, изјави министерката Царовска на средбата со градоначалниците.
Средства за иградба на нови градинки освен од Буџетот на министерството ќе има и од Светска банка во висина од 15 милиони евра.
МТСП досега учествуваше во изградбата на вкупно 24 градинки, од кои поголемиот дел се веќе ставени во функција. Истовремено МТСП обезбеди над 1.000 согласности за вработувања на кадар во градинките од кои поголемиот дел е на неопределено време.
Б. Ј.