„Во постојана комуникација сме со Синдикатот и коморите. Како што тече периодот се гледа дека во економијата ќе има поодложени ефекти. Мерките кои што ги понуди владата во првиот удар се да погодат само во центарот – или она што е најзагрозено во дадениот момент. Секако дека е потребен и пакет на мерки и за останатите сектори кои што верижно ќе бидат загрозени од оваа криза“, изјави заменик претседателот на Владата Мила Царовска во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
„Како се прибираат средствата така и мерките се надополнуваат. Македонската банка за развој во април стартува со мерките за најпогодените. Втората мерка е субвенционирање на придонесите. Принципот на солидарност е многу важен во овој момент. Банките заедно со НБРМ донесоа одредени одлуки за реструктуирање. Можат и да ја променат сумата на отплаќање на кредитот. Во криза владата може да има и порадикални мерки, но до сега одлично комуницираме со НБРМ, банките доставија начин на реструктуирање и сега за сега нема потреба од владина интервенција во овој момент“, вели Царовска.
Фирмите не ги отпуштаат вработените, туку го праќаат на одмор, а нормално продолжува и трговската размена со другите земји.
„Реструктурирањето на кредитите ќе биде и за граѓаните, не само за фирмите. Ако ја видите динамиката масовни отпуштања во моментов нема. Она што се гледа во медиумите околу отпуштања, всушност е земањето на платен одмор, и така фирмите и луѓето се снаоѓаат. Трговската размена со земјите од регионот продолжува и правиме се за да се поттикне земјоделието. Сега е време внатре да стегнеме, правиме проекции и да поттикнеме земјоделието во моментов да произведува добра кои што ние дома ќе ги користиме“, рече Царовска.