ЦИВИЛ 7 е редовен видео прилог на ЦИВИЛ Медиа во кој секоја седмица се отсликуваат активностите и работата на редакцијата на ЦИВИЛ Медиа. Еднаш седмично, тимот на ЦИВИЛ се осврнува на најглавните случувања во државата, како и на активностите кои редакцијата секојдневно ги извршува.
Во ова издание: мултикултурализмот во работна и животна средина, стратегијата Едно општество за сите на локално ниво, недискриминација во работните места, и изненадувањето од ДУИ.
ЦИВИЛ одржа јавен настан на тема „Можеме ли заедно?“ на кој стана збор за тоа кои се придобивките кога различните заедници работат и живеат заедно. На настанот учествуваа активистката Лиса Баута Шаќири, актерката Владанка Димковска и Ванчо Орданоски, сопственик на бизнис во ИТ секторот.
-Сметам дека сите почетоци за поинакво општество тргнуваат од образованието. доколку се вратат различностите во клупа, и доколку и таму нема поделба и доколку дозволиме да се учат повеќе јазици, така подобро ќе го запознаеме светот околу нас.
Вака лично не сум, најверојатно не се движам во такви кругови па да чувствувам многу големи поделби и многу големи разлики, нормално, сите сами си го бираме кругот на луѓе. Сметам дека дел од нив се политички наметнати и дека тоа ги прави разликите да бидат негативни а не позитивни и дека мора да се смени начинот на кој што се зборува за разликите дека тие се всушност наша најголема доблест и предност во светот, бидејќи е предност да живееш во мултикултурно општество. Предност е килимот да ти биде од најразлични шари и сметам дека само преку образование може да го смениме тоа за генерациите што идат, изјави меѓу другото актерката Владанка Димковска на јавниот настан на ЦИВИЛ на тема „Можеме ли заедно?“
-Јас долго време се трудам да сфатам кои се тие луѓе кои што сакаат поделби. И јас верувам во доброто во луѓето. Потребата за делба доаѓа од стравот од непознатото. Јас не познавам човек, а познавам многу луѓе, кои што биле во контакт со различни и ги мразат. Мислам дека целата таа омраза се состои во некоја предрасуда што е импонирана од, не знам дали е од родителите, од општеството, од другари и така натака, меѓутоа верувам дека тие луѓе кои што еве ги слушаме по улици, на утакмици, ги слушаме како за цела една нација имаат дури и убави песни, мелодични, посакувајќи смрт, тие немале контакт со пријател од другата страна, изјави Лиса Баута Шаќири на панелот.
-Јас сметам дека поголемиот дел од луѓето, еве и во Македонија и во околината бидејќи имаме слични проблеми, и комшииве наши и ние а и они со нас, дека живеат сосема мирно и без многу внимание на тоа кој е, што е и како е, и дека овие вештачки бариери кои се поставени се вештачки и се политички или националистички, ама национализмот во крајна линија е политика, посочи Ванчо Орданоски на панелот „Можеме ли заедно?“.
Претставниците на ЦИВИЛ одржаа работни состаноци со претставници на Владата и локалните самоуправи. Работен состанок со Националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски, посветен на Стратегијата „Едно општество за сите“, по што следеше и интервју.
ЦИВИЛ одржа брифинг и со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, посветен на промоцијата на европските вредности и мултикултурализмот на локално ниво, како и за спроведувањето на Стратегијата „Едно општество за сите“, по што следеше и интервју. На состанокот ни се придружи и претставничка од здружението „Инклузива“.
Резултатите од брифинзите со претставнички и претставници на Владата, локалната самоуправа, граѓанското општество и медиумите се дел од анализите и креирањето документи за политики и препораки на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со Исмаил Камбери, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за надлежностите на новото тело на Комисијата, со кои проблеми и предизвици се соочуваат, каде и во кое поле има најмногу дискриминација, како граѓан(к)ите да пријават дискриминација…
Активната транспарентност на министерствата, Владата и на општините во 2021 година изнесува 63 проценти и е подобрена за пет процентни поени во однос на минатата година, покажува годишното рангирање на институциите според Индексот на активна транспаретност што го изработува Центарот за граѓански комуникации.
За првпат сега две институции и тоа Министерството за одбрана и општина Карпош имаат максимални 100 проценти транспарентност, односно ги објавуваат сите предвидени информации.
ДУИ станува зелена партија
Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) во саботата во Градскиот парк свечено одбележа 19 години од формирањето на партијата. Свеченоста започна со уметничка програма, со изведба на свечена бина на која доминираше зелената боја, украсена со зелени балони.
Претседателот на Демократската унија за интеграција ги поздрави присутните на настанот на албански и македонски јазик. Мотото на настанот е #Заедно За зелена иднина. Ахмети на почетокот на својот говор истакна дека денешниот настан е на меѓународниот ден за животната средина, и всушност ја откри зелената агенда на партијата, во согласност со европската зелена агенда, на партијата, која всушност ја најавија со носење на зелени маици неколку дена пред настанот, најавувајќи дека ќе бидат лидери на политиките на зелената агенда.
-Денес, повредата на зелената агенда и загадувањето на животната средина, е закана за безбедноста, како што е корупцијата и организираниот криминал. Затоа, Владата, општините и сите наши институции треба да се придружат, и ние се залагаме да бидеме регионални и европски лидери на политиките на зелената агенда. Добредојдовте во Демократската унија за интеграција на развојот и работните места преку зелената агенда, во Демократската унија за интеграција која освен што се грижи за еднаквоста, развојот евроатлантскиот дух, се грижи и за воздухот, земјата и водата, за заедничка животна средина како предуслови за квалитетен развој и живот, изјави меѓу другото Али Ахмети.
Дијана Тахири
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
Во продолжение можете да ги проследите другите изданија на ЦИВИЛ 7
„ЦИВИЛ 7“ во знак на борбата против говор на омраза и промоција на мултикултурализмот