ЦИВИЛ им го честита Денот на Републиката на сите македонски граѓанки и граѓани. Конечно, прославата на овој историски датум се организира како ден на сите граѓанки и граѓани на целата земја. За прв пат, државата и нејзините граѓанки и граѓани одбележуваат еден историски датум заедно. Овој 2-ри август не е партиски, ниту етнички ден, не е ден да се мрази и дели, туку ден луѓето да се почитуваат меѓусебно и ден да се сака заедничката држава.
“Сите сме деца на Илинден” е слоган кој повикува на заедништво и еднаквост и ја слави слободата, како што тоа го направи и Крушевскиот манифест пред 116 години.
Затоа, ЦИВИЛ повикува овој ден, како и сите државни празници во иднина, да се организираат и да се одбележуваат на овој начин, достоинствено и во духот на заедништвото. За тоа, конечно, се создадоа услови, по долги години поделби и насилство под режим што се хранеше од стравот и омразата.
ЦИВИЛ очекува од институциите на државата и од одговорните политички структури и лидери, да го развиваат и јакнат концептот “Едно општество за сите” и да го вградат во сите аспекти на политичкото и општественото дејствување. Институциите се должни, секогаш навремено и бескомпромисно, да ги заштитат вредностите на едно такво, прогресивно, граѓанско и мултикултурно општество.
Честит Илинден! Честит Ден на Републиката!
ЦИВИЛ Тим за комуникации