ЦИВИЛ, преку соопштение, го поздрави постигнувањето на договорот за датум за одржување на предвремените парламентарни избори на 15 јули.
„Со овој договор ѝ се стави крај на неизвесноста, по бројните одложувања. Иако препораките на ЦИВИЛ беа последен датум да биде 5 јули, дополнителните 10 дена одложување не значат многу во споредба со барањата на дел од политичките партии тие да се одржат кон крајот на август или септември“ – се вели во соопштението на ЦИВИЛ.
По повод конечното усогласување на датумот за избори, ЦИВИЛ уште еднаш ја потсети јавноста дека почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот е обврска на сите граѓанки и граѓани, како и на политичките партии, институциите, медиумите и граѓанските организации.
„Почитувањето на мерките е пресудно во борбата против коронавирусот, како во секојдневниот живот, така и во текот на спроведувањето на изборниот процес. Поточно, изборите ќе бидат толку безбедни за јавното здравје, колку што сите ќе се придржуваат до мерките и протоколите за заштита“ – оценуваат во ЦИВИЛ.
Понатаму, ЦИВИЛ потсети и на наодите од долгорочниот мониторинг, кои ги соопшти и на прес конференцијата на 14 јуни, во кој се бележи интензивна црна пропаганда и ширење на лажните вести и говорот на омразата.
Организацијата повеќе пати во изминатиот период го осуди обидите за политичко профитирање преку ширење лажни вести и говор на омразата и континуирано ги повикува институциите да ги санкционираат ширењето на омразата по етничка и верска основа и повиците на насилство.
ЦИВИЛ ги повикува политичките партии да се придржуваат кон законите и добрите изборни практики за спроведување демократски, слободни и безбедни избори во Република Северна Македонија.
Долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ започна веднаш по постигнувањето согласност за одржување предвремени парламентарни избори на 20 октомври 2019 година, а се прават напори на 15 јули да се ангажираат околу 300 краткорочни набљудувачи низ целата земја. Во тек е и повик за аплицирање за краткорочни набљудувачи на ЦИВИЛ.