ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ гласно за слонот во собата
Цивил денеска одржа панел дискусијата на тема „Слонот во собата“, посветена на дезинформациите и пропагандата. Акцентот на дискусијата е ставен на руското влијание во земјата. Во тој контекст, учесниците зборуваа за општествената перцепција и моделите на пропаганда и дезинформации, општествената подложност на пропаганда, како и за неодамнешните протести против европскиот предлог за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала во своето уводно излагање говореше за работата на ЦИВИЛ во однос на дезинформациите и пропагандата.
„Комбинацијата од сето тоа е во една деликатна, една навистина длабока, многу внимателна на тимот и соработниците на ЦИВИЛ, да ги откријат сите нијанси, да ги откријат мотивите, да ги откријат начините на функционирање, и сето тоа во една динамична медиумска активност, да го претстават пред јавноста. Тоа е едната, онаа медиумска акција која се зафаќа зад димната завеса. Меѓутоа, ние како организација никогаш не сме биле организација која се занимава само со медиумска или тинк-тенковска работа, туку секогаш сме во комуникација со граѓан(к)ите.“
Во однос на тактиките на пропагандата, Дерала ја посочи тактиката на снајперистите со која ги онеспособува своите жртви за да ја постигне целта.
„Снајперистот, никогаш кога има мета, кога сака да постигна голема летална моќ, односно, неговата работа како снајперист кој сака да постигне голем број жртви, а не само еден, ако сака да онеспособи еден сектор од боиштето, тој не ја убива својата жртва.
Тој ја ранува, на тој начин што ја онеспособува да избега од местото, на пример во колено, болката е огромна и вие не можете да се движите. И тогаш, привлекува луѓе кои иако знаат дека од другата страна има снајперист, знаат да одат да се обидат да му помогнат. Тогаш тој и другиот го погодува, и третиот, и тоа е една страотна, морбидна, крволочна тактика“, посочи Дерала.
Љубомир Костовски – Глобус, вели дека нашето општество, кое е 40 отсто функционално неписмено, е подложно на пропаганда токму поради неписменоста.
„Од 70 земји што Обединетите нации во скоро време ги испитуваа, за таа функционална неписменост, ние сме на 68 место, зад нас е Доминиканската Република и Косово. Тоа е колку се тие подредени на партиска пропаганда. Со нив е многу тешко да комуницирате, и прашање е дали тие воопшто ги примаат сите овие работи што еве денеска ние ги разговараме, ги има во одредени медиуми, и ние сме сведоци овој месец на масовна промена на сопственичката структура во оние медиуми, за кои нема да речам дека беа про-западни, меѓутоа, беа неутрални.“, вели меѓу другото Костовски.
Претседателот Стево Пендаровски за ЦИВИЛ медиа по писмена изјава повика на акција против дезинформациите.
Дехран Муратов од ЦИВИЛ порача граѓаните да излезат од партиските рамки.
„Гледаме дека одредени центри на моќ сѐ уште ги убедуваат граѓаните дека ние не почнуваме со ЕУ. Лекот е да не бидат партиски послушници, да излезат од таа рамка што ќе каже лидерот и слепо да му веруваме, навивачки, без да имаме критички тон“, вели Муратов.“
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Пендаровски за ЦИВИЛ: Потребно е да изградиме општествена, системска, медиумска, но, пред сѐ, лична отпорност кон дезинформациите
Во време на забрзан технолошки развој и дигитализација, достапноста до информации преку дигиталните платформи е сѐ поголема.
Традиционалните медиуми го губат своето влијание, а дигиталните платформи, блоговите и социјалните медиуми стануваат главниот извор на информирање.
Ваквата експанзија, покрај бројните придобивки, со себе го носи предизвикот на брзо ширење на дезинформации.
Наместо за ширење на брза, навремена и точна информација, дигиталните платформи многу често се злоупотребуваат за пласирање на дезинформации за остварување на влијание и насочување на јавното мислење во функција на одредени агенди. Ова станува закана по националната безбедност, поради потенцијалот за поткопување на демократските процеси.
Северна Македонија, како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија е мета на кампањи на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат анти-западно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат нашите стратешки определби, дезинформациите, можат да придонесат и за дестабилизирање на самата држава.
Одговорот што како општество треба да го дадеме на ваквите појави е повеќеслоен и бара ангажман од повеќе чинители – државни институции, од медиумите, од граѓанскиот сектор, како и од системот на образование. Потребно е да изградиме општествена, системска, медиумска, но, пред сѐ, лична отпорност кон дезинформациите.
Како претседател давам поддршка на секоја иницијатива што е во функција на воведување добри практики, со цел намалување на ширењето на дезинформациите, а унапредување и развој на демократијата.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Скоро пет месеци од нејзината бесмислена војна против Украина, Русија измисли ново објаснување зошто плановите на Кремљ за брзо преземање се распаднаа толку спектакуларно – затоа што украинските војници биле претворени во натчовечки машини за убивање за време на „тајните експерименти“ во биолабораториите управувани од Америка, секако, пишува Алисон Квин во Дејли Бист.
*
Бројот на загинати во рускиот ракетен напад врз центарот на градот Виница се зголеми на 26. објави Серхиј Борзов, шеф на регионалната воена управа на Виница, на Телеграм, пренесува Укринформ.
*
Претставниците на Украина ниту еден ден не престанаа да работат за да добијат ефикасен систем за противвоздушна одбрана, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно видео обраќање.
Сигурен сум дека сте виделе колку е ефективно оружјето што ни го обезбедуваат партнерите, особено модерните ракетни фрлачи. Името HIMARS стана речиси толку родно кај нашиот народ – како и Javelin или NLAW, како „Стугна“ или „Нептун“, рече Зеленски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
РАМКА Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, на денешната прес конференција ја презентираше временската рамка за стартот и завршувањето на процесот на скрининг со Европската Унија, при што нагласи дека преговорите се започнати онака како што беше ветено, со заштитен македонски јазик и идентитет, и сето тоа е направено пред се заради нас, за нашите граѓани и за нашите деца да живеат подобро и да живеат како сите останати европски народи.
МВР Две лица се приведени во случајот со запаленото возило на пратеникот Петар Ристески, кое во пожар целосно изгоре вчера во раните утрински часови. Едното лице е од прилепското село Ново Лагово на возраст од 41 година, а другото лице е од Прилеп на возраст од 31 година.
ПРАВДА Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека денеска поднело обвинение против три лица за убиство на ракометарот Денис Тот.
– По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, се наведува во соопштението на ОЈО – Скопје.
„ЖАН МИТРЕВ“ Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници преку соопштение до медиумите го повикаа Јавното обвинителство сериозно да му пристапи на случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“ и особено да посвети внимание на постапувањето на државните институции при контролата на јавните и приватните здравствени установи.
СЛОБОДНА ЗОНА
„При слетувањето на бриселскиот аеродром, се соочивме со она што не очекува откако успешно ќе го завршиме скринингот и ќе станеме полноправна членка на ЕУ, а владее голем оптимизам дека тоа ќе се случи за релативно брзо време, односно, според зборовите на премиерот и владините претставници, ќе бидем ставени на „fast track“ за што побрзо успешно завршување на преговорите. Пред сè благодарение на македонската амбасада во Брисел, во Белгија влеговме како вистински граѓани на ЕУ, без проверка на пасоши, без чекање во ред за контролни и царински формалности. Од авион право во хотел. Милина.“, пишува Драган Мишев во колумната „ Сите патишта водат во Брисел“.
Д.Т.