Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ., на денешната прес конференција ја презентираше временската рамка за стартот и завршувањето на процесот на скрининг со Европската Унија, при што нагласи дека преговорите се започнати онака како што беше ветено, со заштитен македонски јазик и идентитет, и сето тоа е направено пред се заради нас, за нашите граѓани и за нашите деца да живеат подобро и да живеат како сите останати европски народи.
– Де јуре и де факто, процесот започна пред два дена на 19 јули кога ја одржавме првата меѓувладина конференција која ја означува последната етапа од нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, изјави Маричиќ .
Тој дополни дека ова е реализација на стратешката определба на државата по 17 години од добивањето кандидатски статуз за членство во ЕУ.
-Тоа е наша стратешка определба од осамостојувањето на државата која станува реалност по 21 година од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација и 17 години откако го добивме статусот кандидат за членство во ЕУ, рече Маричиќ.
Тој посочии и дека веќе 45 отсто од нашето законодавство е усогласено со европското и дека се зголемуваат капацитетите за превод на македонски јазик.
– Скринигот се состои од две фази. Објаснувачки скриниг каде Европската комисија на државата кандидат и ги презентира клучните правни акти за секое поглавје и билатерален скриниг каде земјата кандидат го презентира степенот на усогласеност на националното законодавство согласно со презентираните акти на ЕУ за време на претходната фаза, но исто така и институционалните капацитети и спроведувањето на законите, нагласи Маричиќ.
Маричиќ на прес конференцијата објасни дека скринингот, на кој се гледа како техничка операција мора да се гледа и како суштински елемент на пристапните преговори, бидејќи ја дава сликата за се што треба да направиме во годините што следат со цел да ги спроведеме реформите од ЕУ-агендата и да ги отвориме, да напредуваме и да ги затвориме поглавјата и кластерите. Скринингот по кластери и поглавја официјално почнува во септември и тој ќе се спроведува истовремено и за нашата земја и за Албанија.
Вицепремиерот Маричиќ ги претстави шесте кластери на преговарачки поглавја/теми и појасни за секоја од нив какви се нашите обврски и начинот за нивно усвојување.
Според Маричиќ, скринингот по кластери и поглавја официјално почнува на 15 септември и тој ќе се спроведува истовремено и за нашата земја и за Албанија. Очекува скринингот да заврши за најмногу 16 месеци. Тоа, како што рече, се должи на фактот што земјава веќе во 2018 и 2019 година помина една фаза на објаснувачки и подготвителни состаноци за сите 33 поглавја пред да се објави новата методологија за проширување на Унијата, што е наша предност. Во овој период, прецизира, Европската комисија и презентираше преку 8.000 ЕУ акти. Во тоа беа вклучени околу 2.000 наши државни служебници во сите 33 поглавја.
– Врз основа на ова искуство овој пат ќе ни биде полесно да се подготвиме за ажурирањето на законодавството на ЕУ, односно не почнуваме од „0“. На првата скрининг сесија во Брисел во вторникот ни беше најавено дека по одржувањето на меѓувладината конференција ни следи процес кој ќе се состои од две фази – ажурирање на објаснувачкиот скрининг на кој Европската комисија ќе го претстави новиот корпус на законодавството на ЕУ од 2019 година до денес и ќе даде подетално објаснување за областите кои по првпат се вклучени во преговорите. Тоа треба да трае околу шест недели по што следува втората фаза – билатералниот скрининг на кој ќе треба да го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони и плановите за натамошно усогласување, како и планот за градење на капацитетите на институциите и на администрацијата и да ги декларираме потребните човечки, финансиски и информатички ресурси за спроведување на европските стандарди, истакна Маричиќ.
Тој додаде дека ќе треба да се идентификуваат и евентуалните области и прашања за кои би барале транзициски периоди, односно правилата на ЕУ да стапат насила подоцна од нашето членство, прецизирајќи дека календарот на состаноци го дефинира Европската комисија.
Во одговор на новинарско прашање за тоа кога ќе се иницираат уставните измени, со оглед на тоа дека скрингот ќе трае до крајот на следната година, Маричиќ изјави.
„Уставните измени за Преспанскиот договор траеја повеќе од четири месеци. Ние се уште немаме утврден календар за уставни измени, но тоа е обврска која треба да ја завршиме најдоцна до крајот на скринингот. Внимателно ќе ги разгледаме околностите, атмосферата, дијалогот во Собранието. Целта е да завршат успешно…. Секако ќе биде по летните одмори. Тогаш ќе можеме да говориме за точен календар. Важно ни е да одиме ниту пребрзо но ниту преспоро. Најважно е исходот да биде позитивен“.
Одговарачќи на новинарски прашања, Маричиќ објасни дека овие уставни измени, во содржинска смисла, се најлесните досега. Причината е што само треба да се додадат неколку заедници (освен Бугарите и Црногорците и Хрватите) на веќе седумте кои се споменати во Уставот. Нашиот концепт на Уставот е таков што дозолува вакви промени,дополни Маричиќ, тоа е така веќе 20 години.
М.Д.