Во пресрет на празникот државниот празник Илинден, одредени политички структури ја користат можноста да ги промовираат своите радикални националистички пораки со намера да ги продлабочат тензиите и поделбите по етничка, верска и политичка основа. Целта на ваквите кампањи е да се добијат политички поени на сметка на развојот и интеграциските процеси на нашата земја.
Национализмот и антизападната кампања се во директна спротивност со аспирациите на огромно мнозинство граѓанки и граѓани од сите заедници.
ЦИВИЛ упатува апел до сите граѓанки и граѓани да го отфрлат национализмот и говорот на омразата, кои не носат ништо добро за никого освен за затворени кругови кои своите деструктивни политики и практики ги претворија во бизнис со големи профити.
Илинден е празник на сите граѓанки и граѓани. Не смее да се дозволи Илинден да биде злоупотребен и киднапиран од една група луѓе што не ги почитуваат токму основите на тоа што претставува Илинденското востание. Да се биде националист и да се слават мрачни ликови од минатото на овој светол датум од македонската историја претставува груба манипулација со јавното мислење и атак врз придобивките на демократијата и слободата.
Говорот на омразата и повиците на поделби, политичко насилство и етничко чистење се против законот и против македонските национални интереси.
Секој може да придонесе кон борбата против овие деструктивни појави. Доволно е само да се отфрлат и да не се шират пораките на омразата и поделбите. Познато е дека екстремистите и националистите се хранат од стравот и надежите на луѓето.
Оставете ги сами, покажете им дека ѝ мислите добро на македонската држава.
Честит Илинден!