ЦИВИЛ им посакува мирен референдумски ден на граѓанките и граѓаните на Република Македонија. Над 35.000 луѓе се ангажирани во изборната администрација, набљудувањето и медиумското покривање на референдумот за изјаснување по прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“. ЦИВИЛ им посакува успешна работа и спокоен ден.
ЦИВИЛ апелира до сите граѓанки и граѓани, како и учесници во референдумот да се придржуваат кон Уставот, Изборниот законик и демократските стандарди и во фер и празнична атмосфера да ја изразат својата слободна волја.
ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да пријават нерегуларности, поткуп, притисоци и закани на онлајн пријавата на веб страницата Слободни избори или на телефоните: 02 / 5209 176, 070 / 461 480.
Набљудувањето на Референдумот за набљудувачите на ЦИВИЛ започна во 6:30 часот денеска. ЦИВИЛ распореди 307 мобилни набљудувачи низ целата земја. Тимот за анализи и координација на ЦИВИЛ веќе отвори прес центар во хотел Сити Парк, во 6 наутро, а кој ќе работи до полноќ. Прес центарот ќе биде отворен за сите домашни и странски новинарки и новинари во текот на денот.
Прес конференции ќе се организираат во 10:30, 12:30, 14:30, 18 и во 20 часот. Веднаш по прес конференцијата во 20 часот, ЦИВИЛ ќе организира и панел дискусија со експерти од различни области и тоа: Сашо Орданоски, Мирјана Најчевска, Александар Новакоски и Сандра Гавриловска. Панел дискусијата ќе ја води Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Прес конференциите и панел дискусијата ќе бидат пренесувани во живо од 12:30 па натаму.
Како организација за човекови права и слободи, основана во 1999 година, ЦИВИЛ се залага за максимално почитување на правото на глас и ги охрабрува граѓанките и граѓаните тоа право и да го искористат. ЦИВИЛ не води кампања, ниту ЗА, ниту ПРОТИВ, а го уважува и правото на гласачите да апстинираат, но остро се спротивставува на говорот на омразата, притисоците и поткупот.