ЦИВИЛ уште пред 4 години, на 17 мај 2019 година, започна иницијативата „Крај за расипништвото“, со поднесени барања до Собранието за укинување на привилегиите на функционерите која сè уште е актуелна и ќе остане додека не се укинат сите повластици, почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една земја која се декларира како социјална држава, според Уставот.
„Пораката е едноставна. ЦИВИЛ – Центар за слобода, граѓанките и граѓаните порачуваат – крај на расипништвото. Едноставно, преголемите трошоци кои ние ги имаме за апанажи, за пензии, за доживотни пензии и други издатоци кои ги користат, според законите, кои токму во овој парламентарен дом се изгласани во текот на изминатите години и децении, сметаме дека треба да бидат сериозно ревидирани и укинати, или во најголем дел да бидат редуцирани до едно пристојно нормално човечко ниво. Вака изгледа како Македонија да е еден султанат, во кој газди се оние коишто се на власт. Во било која смисла на зборот. Дали се локални шерифи, или бивши претседатели, тие едноставно го цицаат доброто на овој народ, на овие граѓанки и граѓани кои едноставно, повеќе, не можат да го издржат тој товар.
Милиони евра чинат апанажите, пензиите и другите привилегии и придобивки што ги имаат поранешни, но и сегашни функционери. Едноставно тоа мора да престане веднаш!“, порача Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, на 17 мај 2019, кога организацијата официјално ги достави барањата за укинување на привилегиите на функционерите во Собранието на Република Северна Македонија.
ЦИВИЛ Тим за комуникации