ЦИВИЛ на изборниот ден во вториот изборен круг, недела, 31 октомври, најави емитување програма во живо, со пет изданија на Изборен рапорт во текот на денот и тоа во 10, 12, 15, 17 и во 19:01 часот (веднаш по затворањето на избирачките места. Во изданието од 17 часот се предвидува вклучување на дел од долгорочните изборни набљудувачи од теренот.
На првата прес конференција на ЦИВИЛ, во 10 часот, ќе биде објавен извештајот од мониторингот на изборниот молк во земјата.
Сите прес конференции ќе се емитуваат во живо, на Фејсбук страницата и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Доколку има потреба или по барање од медиумите, ќе се одржат и вонредни вклучувања во живо од прес студиото на ЦИВИЛ.
На терен, ЦИВИЛ ќе биде присутен со речиси триста мобилни набљудувачи, а во текот на целиот ден, почнувајќи од 6 наутро, па сѐ до полноќ, ќе бидат отворени канцелариите во кои ќе работат 30 луѓе во четири тимови: координација на мониторингот, примање и обработка на извештаите од набљудувачите, аналитика и односи со јавноста. Прес центарот на ЦИВИЛ е во Бизнис центарот „Палома Бјанка“ и ќе започне со работа во 9 часот, со подготовка на првата прес конференција веќе во 10 часот.
Изборните нерегуларности како што се притисоци, поткуп, злоупотреби, проблеми со Избирачкиот список, кршење на изборниот молк, говор на омраза, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.
Пријавите може да поднесуваат на веб страницата slobodniizbori.info или во Граѓанската пријава која лесно се наоѓа и со клик на банерот Стоп за лажните вести и говорот на омразата на интернет порталот civilmedia.mk.
Исто така, може да се пријавуваат нерегуларности по електронска пошта ([email protected]), во порака на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ или на двете телефонски линии: 02 / 5209 176 (в недела, од 7 наутро) и 070 699 580 (сабота, 30 октомври, од 12:30 часот напладне).
Информациите што се испраќаат на ЦИВИЛ треба да бидат точни и веродостојни, со сите потребни податоци. Фотографии и аудио/видео снимки што се добиени по незаконски пат – не се прифаќаат.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ