Националниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец, потполковник Александар Илиев, доцентот при катедрата за меѓународно јавно право, м-р Љупчо Стојковски, уредникот на Вистиномер и Критинк, е-изданија на Фондацијата Метаморфозис, Владимир Петрески и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, се говорници на утрешниот јавен настан на ЦИВИЛ на тема „Автопатот со факти, одговорност и решителност наспроти беспаќето на опасните дезинформации“. Настанот ќе се одржи во хотел Сити Парк (кај општина Центар), со почеток во 11 часот (среда, 16 јуни). Настанот ќе трае 60 минути и ќе се емитува во живо.
Колку се опасни дезинформациите и говорот на омразата за безбедноста и стабилноста на државата? Дали институциите имаат капацитет за справување со злонамерните дезинформации? Колку и на кој начин можат граѓанските организации и медиумите да се вклучат во заштитата од злонамерните дезинформации и хибридните закани? Со факти, одговорност и решителност наспроти опасните дезинформации… Тоа се дел од прашањата и темите за кои ќе стане збор на јавниот настан на ЦИВИЛ.
Настанот ќе биде емитуван во живо на Фејсбук страницата и на видео каналот на ЦИВИЛ, а ќе се одржи без публика. Редакциите се добредојдени да го преземат видео линкот.
Работниот јазик на настанот е на македонски јазик но сите материјали потоа ќе бидат достапни на македонски, албански и англиски јазик.
Панелот е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година.
Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.
ЦИВИЛ