ЦИВИЛ организира работилница на тема „Учество во креирање политики, јакнење на јавната свеста и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата на локално ниво“ во Занаетчиски дом, Куманово, на 3 јуни (четврток), со почеток во 11 часот.
Ова е само дел од активностите на ЦИВИЛ во напорите да се придонесе кон запознавање, мотивирање и мобилизирање на општеството на сите нивоа и во сите сектори. Конкретно, со оваа работилница се продолжува директната соработка на ЦИВИЛ со општините во креирањето успешни модели за граѓанско учество во процесите на носење одлуки на локално ниво во овие исклучително важно области.
ЦИВИЛ ја препознава потребата од активно вклучување на сите засегнати страни во одговор на прашањата за соработка меѓу локалната власт, граѓанските здруженија, медиумите и граѓанките и граѓаните во негувањето и промоцијата на европските вредности воопшто и мултикултурализмот посебно, како на национално, така и на локално ниво.
Свое учество најавија градоначалникот на Куманово, претставници на невладините организации и политички партии.
Работилницата ќе се одржи со физичко присуство со максимално почитување на протоколите и мерките за заштита и безбедност од Ковид-19.
Работилницата е дел од проектот „Европски перспективи“ што ЦИВИЛ го спроведува со поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.