„Политичка природа на опозицијата е да ја контролира власта, а од ВМРО–ДПМНЕ почнуваат да се привикнуваат на статусот на опозиција, што е добро на некој начин, меѓутоа, треба да прават разлика меѓу приватни и сопствени донации и пари од буџетски средстава“, вели за ЦИВИЛ Медиа, пратеничката на СДСМ, Ивана Туфегџиќ, како одговор на обвиненијата од ВМРО–ДПМНЕ дека донирала околу 118.000 денари на СДСМ.
„Дури и партиските соопштенија ги издаваат дека донациите им се од државни буџети, доказ за тоа е цитатот на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ: ‘Овие пари во вредност од 40 просечни студентски стипендии, невработениот студент Туфекџиќ реши да ги донира…’ Треба да сфатат таму во партијата, пред да се обидат да оцрнат некого, дека стипендијата е државна и парите се издвојуваат од државниот буџет“, истакнува Туфегџиќ.
Таа додава дека донацијата за СДСМ е од нејзини-сопствени и семејни средства, дека тоа не е никаков скандал, и дека таа е подготвена тоа да докаже доколку се покрене некое обвинение.
„Тоа се мои пари и ќе ги донирам каде што сакам, за разлика од членовите на ВМРО-ДПМНЕ коишто донираа државни пари, меѓу кои, имало дури и починати лица“, додава Туфегџиќ.
Во соопштение ВМРО-ДПМНЕ обвини дека „невработениот студент од платеничката револуција на Сорос, Ивана Туфегџиќ, донирала 118.000 денари за СДСМ. Овие пари во вредност од 40 просечни студентски стипендии, невработениот студент Туфегџиќ реши да ги донира на аболицираниот криминалец Зоран Заев. Толку од лицемерниот граѓански активизам“.