Министерот за правда Никола Тупанчески и заменик министерот за правда Агим Нухиу кои се во дводневна посета на Тирана остварија средба со министерот за правда на Република Албанија, Улси Мања, информираат од Министерството за правда.
На заедничката прес конференција Тупанчески и Мања информираа за реформите во правосудниот систем на двете држави, процесот на пристапни преговори за членство во ЕУ.
Министерот за правда Тупанчески рече дека меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија нема отворени прашања.
,,Имаме заедничка цел, а тое е ЕУ. Поглавјето 23: Правосудство и темелни права е клучно за реформите. Токму поради тоа неопходно е двете држави во наредниот период да ја интензивираат соработката и да разменат искуства, идеи и мислења. Убеден сум дека двете влади имаат волја заеднички да ги решаваат проблемите. Зајакнувањето на правните системи, како и зголемувањето на ефикасноста на правосудниот систем, ќе придонесе да се достигнат меѓународните стандарди на двете земји” изјави Тупанчески.
Министерот за правда на Албанија Улси Мања информираше за процесот на ветинг кој според него бил исклучително сложен но сепак дал позитивни резултати. Дури 60% од судиите и обвинителите ја напуштиле функцијата поради неможноста да го докажат потеклото на имотот.
Тупанчески го информираше Мања и за процесот на регистрација на бугарски здруженија во нашата држава и мерките кои ги презема Министерството за правда околу подготовката на Законот за здруженија и фондациии. Беше отворено и прашањето за правата на малцинствата во Албанија со посебен акцент на примената на Законот за малцинства на Република Албанија.
Двајцата министри се договорија соработката на билатерално ниво да се интензивира во наредниот период.
Министерот за правда Никола Тупанчески за време на работната посета на Албанија се сретна со Васил Стејровски, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција.
На средбата се разговараше за правата на македонското малцинство во Албанија.Беа отворени повеќе прашања за унапредување на статусот на Македонците во албанското општество, како и за начините врз основа на кои Република Северна Македонија и Република Албанија, во рамките на својата соработка можат да го помогнат овој процес.
Во таа насока во континуитет се преземаат активности за обезбедување на институционална поддршка за заштита и унапредување на културниот и јазичниот идентитет на македонското малцинство.На средбата која се одржа во македонската амбасада во Тирана присуствуваше и Амбасадорот Данчо Марковски.
М.Д.