Турскиот Парламент отфрли предлог на опозицијата да се спроведе истрага за наводите дека членови на семејството на претседателот Реџеп Тајип Ердоган избегнувале плаќање данок со префрлање милиони долари на офшор компании.
Водечката опозициска партија Републиканска народна партија тврди дека има документи со кои се укажува дека членови на семејството на Ердоган испратиле до 15 милиони долари на островот Мен и побараа да се спроведе истрага.
Парламентот, во кој доминираат членови на владејачката партија на Ердоган, го отфрли тој предлог.
Турското Јавно обвинителство соопшти дека ги испитува наводите дека семејството на претседателот Ердоган префрлувало милиони долари во странство за да избегне плаќање данок, нагласувајќи дека постои сомнеж во автентичноста на документите што стојат зад тие тврдења.
Претседателот на главната опозициска сила во земјата, Републиканска народна партија (ЦХП) Кемал Киличдароглу ги обвини членовите на семејството на Ердоган дека префрлиле 14 милиони долари на една компанија на британскиот остров Ман, држејќи документи за кои рече дека докажуваат оти трансакциите се извршени.
Турскиот претседател Ердоган ги отфрли обвинувањата и рече дека тие се лага за која Киличдароглу „скапо ќе плати“. Тој поднесе тужба против претседателот на Републиканската народна партија.
Канцеларијата на државното обвинителство во Анкара соопшти дека е покрената истрага за тие наводи и дека еден службеник од компанијата Белви ЛТД, која Киличдароглу ја именува како дестинација на финансиските средства на семејството Ердоган, тие документи ги нарече лажни.
Обвинителството исто така побара од Републиканската народна партија да ги предаде сите документи, по што потпретседателот на партијата Озгур Озел соопшти дека ЦХП ќе го исполни барањето на обвинителите.
[divide]
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.