Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, денеска беше уапсен во Москва, за време на протест што го организирал за да ги повика Русите да ги бојкотираат претседателските избори во март. Полицајците го привеле и однеле со полициско комбе додека се подготвувал да се обрати пред стотиците приврзаници, пренесе АФП.
„Не е важно. Дојдете на Тверскаја. Не излегувате за мене, излегувате за својата иднина“, објави Навални на неговиот Твитер профил, откако беше уапсен.
Кандидатурата на Навални за претседателските избори закажани за 18 март беше одбиена поради неговата пресуда за корупција. Поради тоа, Навални ги повика Русите да ги бојкотираат изборите на кои неприкосновен кандидат е Владимир Путин. Се очекува мандатот на Путин да му се продолжи до 2024 година.