На 16 март навршија девет години откако Русија одржа лажен „референдум за статусот на Крим“, а на 18 март – од денот на обидот за нелегална анексија, кога беа потпишани т.н. „договори за пристапување на Крим кон РФ“, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека „веќе девет години по ред, полуостровот Крим страда од злосторничкиот режим на Кремљ, кој го претвори во воена позиција, зона на неслобода и угнетување, агресија и терор против сè и секој што најде храброст да се спротивстави и да ги брани своите демократски права и вредности“.
Ние високо ја цениме јасната и постојана поддршка од страна на меѓународната заедница, особено на учесниците на Меѓународната Кримска платформа, во врска со суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Ја изразуваме нашата благодарност за подготвеноста на нашите меѓународни партнери непоколебливо да се движат кон целосна деокупација на сите привремено окупирани територии на Украина, вклучувајќи ги Автономната Република Крим и градот Севастопол, се вели во соопштението.
Украинското МНР нагласи дека ќе продолжи вложувањето на „максимални напори за казнување на Русија и нејзиното раководство за злосторството агресија, воените злосторства, злосторствата против човештвото и геноцидот во Украина“.
Г. Т.