ДЕХРАН МУРАТОВ
Многу крв, солзи, болка, разурнати домови, уништени детски соништа, уништена инфраструктура, разурнати болници со стотици мртви жени, деца, бебиња… Млади луѓе наместо да се забавуваат и да уживаат во животот, се убиени, масакрирани, киднапирани, силувани, малтретирани, држени како заложници и затворени во некои темни и мрачни подруми и кафези… А зошто?! Зошто толкава омраза меѓу Палестинците и Израелците?
Таа омраза за жал забрзано се разлева и низ целиот свет, особено во Европа, и веќе почнавме да гледаме поделби, инциденти, запалени објекти, па дури и убиства.
Екстемистичките групи „Хамас“, „Хезболак“, „Исламски џихад“ итн. се за секоја осуда, бидејќи исламот не е тероризам! Алах во светата книга Куранот, вели: „Кој ќе убие еден невин човек, како да го убил целото човештво“…
Некој сигурно ќе рече: „A Израелците предводени од десничарот Нетањаху имаат ли право да ги убиваат, тепаат и затвараат Палестинците“?
Не бе другари, не треба Израелците да ги убиваат и тепаат Палестинците. Не треба да им влегуваат во домовите и џамиите да ги тепаат и да им фрлаат шок бомби, како што гледавме во минатото. Имаше толку многу насилство и бруталност, но ескалацијата во последните денови е неподнослива и е за секоја осуда.
Никој не треба никому да наштетува! И доста ни е од свети војни и одмазди на екстремистите – исламисти или крстоносци, оставете нé да живееме! Сите животи се свети и мора да бидат заштитени. Масакрите мора да завршат, без разлика од која страна доаѓаат… Разумот и хуманоста мора да проработат од сите страни. Светот мора веднаш да реагира и да биде дозволена хуманитарна помош за Газа. Луѓето таму се во катастрофални и многу лоши услови. Сликите и видеата од болницата беа траорни и застрашувачки. На луѓето од Газа им е неопходна храна, вода, сместување, медицински залихи…
Час поскоро мора светските лидери да се обединат и да го спречат масакрот на невини души и да се постигне конечно мир меѓу двете завојувани страни. Хуманоста и човечноста мора да биде над сè. Дајте сите заедно да им ја вратиме насмевката на сите деца, да им го вратиме детството, да им ја вратиме надежта за подабар и поубав свет… Свет во кој нема да има поделби, свет во кој нема да има лоши чичковци со оружје во рацете, свет во кој различноста (верска или етничка) ќе биде богатсво, а не причина за поделби и конфликт…