Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од средбата со Урсула фон дер Лајен, но не и од она што претседателката на Европската комисија му го кажа. Средбата ја нарече „исклучително пријателска, корисна, содржајна“, дури оцени дека можеби ќе биде клучна за идните процеси.
Веднаш потоа додаде:
„Не можам да кажам дека сум задоволен од пораките коишто ги испрати претседателката.“
Причината за незадоволството е истата тема што беше позната и пред Фон дер Лајен да слета во Скопје.
„Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа којашто е прифатена од претходната влада“, рече Мицкоски.
Но токму тоа Европската комисија го кажува со години. Фон дер Лајен и овојпат порача дека Северна Македонија има „еден клучен чекор“ пред отворањето на кластерот „Темели“. Европскиот специјализиран сервис Agence Europe добро ја сумираше пораката — станува збор за договорените уставни измени со внесување на бугарската заедница, кои остануваат предуслов за следната фаза од преговорите.
Тешко е, според тоа, во денешната реакција да се препознае некаква нова европска околност. Пораката не се променила. Не се променила ниту Преговарачката рамка.
Тоа беше и заклучокот на ЦИВИЛ МЕДИА непосредно по посетата:
„ЕУ не ја затвора вратата, но не го помести ни прагот.“
Пред средбата, пак, посочивме дека нема јавно достапен сигнал оти Брисел подготвува нова формула што би го заменила договорениот редослед на чекорите.
„Стигнавме до разговори“
Мицкоски, сепак, како успех го претстави новиот обид за директен разговор со Софија.
„Стигнавме до разговори. Порано нешто што не беше возможно, еве, се случи“, изјави тој, откако Министерството за надворешни работи побара средба со бугарската страна.
Но и тука треба да се направи разлика меѓу дипломатски процес и европски услов. Барањето за средба со Софија следува по „конструктивен совет“, како што самиот Мицкоски го опиша предлогот на Фон дер Лајен. Премиерот рече дека го прифатил советот бидејќи смета дека претседателката на Комисијата „апсолутно беше во право“.
Но за да се побара средба со Софија не беше неопходен совет од Фон дер Лајен. Такви контакти беа можни и претходно, а и се случуваа. Министерот Тимчо Муцунски и бугарската министерка Велислава Петрова веќе се сретнаа во мај годинава на маргините на министерскиот состанок на НАТО, каде разговараа и за билатералните односи и за европската интеграција на Северна Македонија. Уште во февруари македонското МНР соопшти дека била иницирана и билатерална средба со тогашната шефица на бугарската дипломатија.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Оттука, самото испраќање барање за нова средба тешко може да се претстави како дипломатски пробив. Нов е политичкиот момент во кој Владата реши повторно да го активира директниот дијалог, но не и можноста таков дијалог да се води.
Тоа може да создаде простор за разговор. Не значи дека е отворена нова преговарачка рамка.
Тука се појавува највидливата политичка противречност. Владата долго време бара Брисел посилно да се вклучи во решавањето на проблемот со Софија. Кога претседателката на Комисијата предлага практичен чекор, Владата го прифаќа. Но истата европска институција истовремено повторува дека уставните измени остануваат неопходниот чекор, а премиерот вели дека од таа порака не е задоволен.
Мицкоски денес повторно ја префрли одговорноста врз претходната власт, употребувајќи и квалификации како „квислинзи“ и „распродадено“, и побара „време и трпение“.
Но времето само по себе не ја менува Преговарачката рамка.
Фон дер Лајен во Скопје не донесе нов услов. Го повтори стариот. А најновата реакција на премиерот само уште појасно покажува каде останува политичкиот проблем: не во нејасноста на европската порака, туку во фактот дека Владата сè уште бара исход различен од оној што го предвидува веќе договорениот процес.
Редакција ЦИВИЛ МЕДИА
ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












